„Мерсисајд“ дербито разочара, Ливерпул ќе мора уште да ја чека титулата

Секакви чуда се случувале во фудбалот, но дека Ливерпул ќе ја загуби титулата во овие околности тешко ќе се случи.

Прославата која на „Енфилд“ ја чекаат точно 30 години само е поместена за некои други времиња. Немаше „Црвените“ да ја освојат титулата и да го победеа Евертон денеска, но ќе беа чекор поблиску. Вака, може само да се констатира дека „Мерсисајд“ дербито на „Гудисон Парк“ разочара и дека Ливерпул ќе мора уште малку да се стрпи за да почне со славјето.

Ниту квалитетот на фудбалот не беше на завидно ниво, ниту можеше многу да се види од старите ривали. Од време на време некое возбудување, некоја полушанса, една статива на Том Дејвис на десетина минути пред крајот и солиден обид на Фабињо од слободен удар во судиското надополнување, што е недоволно за дерби кое своевремено знаеше да донесе и дожд од голови.

Овој пат, додуша, фудбалерите на Евертон и Ливерпул останаа верни на традицијата која е воспоставена во последните две години. Ако се исклучи она иживување на Ливерпул над градскиот ривал во декември со 5.2, во секој од претходните четри мечеви паѓаше најмногу еден гол.

Најголемата неизвесност, всушност, по натпреварот ќе остане колку се сериозни повредите на Џејмс Милнер, на кого му страдаше задната ложа, како и на Џоел Матип, на кого му страдаше скочниот зглоб. Се останато ќе биде за заборав, бидејќи фудбалерите на двата тима не заслужија овој натпревар да се памети.

Во моментов, на осум кола до крајот Ливерпул има 23 бода предност во однос на Сити, кој пак има и натпревар помалку, со оглед на тоа дека утре го пречекува Барнли.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top