Мицкоски до европратениците: Носењето на Законот за ЈО беше насилно

Европратениците претходно се сретнаа и со претседателот на парламентот Талат Џафери, министерот за надворешни работи Никола Димитров и техничкиот премиер Оливер Спасовски и порачаа дека очекуваат фер избори..

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средба со европратениците Дачијан Чолош и Илхан Кјучук од групата Обнова на Европа се пожалил на носењето на Законот за јавно обвинителство, обвинувајќи дека во него се крие обид за амнестија на функционери од власта.

„Мицкоски истакна дека најсериозен проблем со кој се соочува нашата држава е високата корупција, притоа посочувајќи низа на нерасчистени корупциски афери и скандали во кои се вмешани високо функционери на владеачката партија СДСМ, што пак претставува аргумент повеќе за противниците на проширувањето на Унијата. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ им го напомена на соговорниците и насилното носење на Законот за Jавно обвинителство кој треба да послужи за амнестија на криминалот на власта изминативе три години. “

– стои во партиското соопштение.

Претходно, европарламентарците се сретнаа и со претседателот на парламентот Талат Џафери, министерот за надворешни работи Никола Димитров и техничкиот министерот Оливер Спасовски.

Лидерот на парламентарната група Обновена Европа во Европскиот Парламент, Дачијан Чолош нагласи дека државата мора да организира фер избори и ако некои политички субјекти ја користат кампањата само за да напаѓаат без да нудат конкретни решенија тогаш губитници ќе бидат сите, вклучително и ЕУ.

Посетата доаѓа по распишувањето на предвремените парламентарни избори на 12 април и во период кога е актуелна новата методологија на проширување на ЕУ.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top