Мицкоски: Истрага за Заев и ревизија на работата на Врховен суд

Со добро познатата иконографија, со многу знамиња со ѕвездата од Кутлеш и со скандирања „Никогаш Северна, само Македонија“ денеска во 18 часот се одржа протестот на опозицијата пред зградата на Основното јавно обвинителcтво, кој понатаму водеше до Врховнио.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача пред присутните дека правдата е нападната од неправдата, зборувајќи притоа за ауди снимката за лидерот на СДСМ, Зоран Заев, која деновиве ја пушти во етер пратеникот, Антонио Милошски, нагласувајќи притоа дека во неа се слушнало како со неправилен граматички, но разбирлив  јазик тој ја егзекутира правдата.

„Што би рекол „трас-трас”. Тука сме да ја кажеме вистината дека судската и обвинителската власт е брутално згазена. Аудио материјалот докажува и покажува мафија. Мафија која владее со секоја пора власт која треба да е независна, а не е! Мафија која ја одзема слободата и правдата. Мафија која три години е сојузник со криминалот кој останува неказнет. Зоран Заев е виновен, затоа што во исто време е премиер, обвинител и судија. Виновен е затоа што е главен рекетар, главен забавувач кога се во прашање гафовите и трговец со виталните органи на нашата Македонија. Не му е тешко да украде, да изгуби, да се осрамоти, но не му барајте да биде чесен, затоа што е нечесен, а и најлесно му е да не ја говори вистината да излаже. Тој и пука право во чело на правдата со умисла и без каење“, рече Мицкоски.

Тој праша кој тоа одговарал овие три години, па потоа одговори: „Ниту еден“. Според Мицкоски, јасно е дека не се докажал ниту еден криминал, а премногу криминали се амнестирале.

„Не сме сите исти, затоа што ниту денес, а ниту утре кога граѓаните ќе ни дадат мандат нема на памет да ми падне да се мешам во судската власт. Ниту да попречам правда за било кого, било да е член на ВМРО или СДСМ, ДУИ, Алијанса на Албанците или некој друг. Ама ќе има одговорност, тоа мора да има. И еве тука седам пред вас неколку илјади, а и тие што во домовите, ви ветувам, одговорност за криминалите мора да има, без разлика кој каде кога и како го сторил“, рече Мицкоски.

Тој побара поведување истрага за Заев, кој, според партијата, се мешал во судските одлуки и тим од обвинители кои ќе бидат непристрасни и ќе го расветлат случајот. Како второ барање Мицкоски ја посочи ревизијата на работата на Врховниот суд и нивните одлуки, а доколку се докаже дека работеле незаконски, тој побара нивни оставки. Третото барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се реформи во Советот за правосудство и експертска помош во реализирањето на реформите.

На протестниот марш, меѓу другите, присуствуваа и Александар Николовски, генералниот секретар на партијата, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, координатор на ВМРО, Ане Лашкоска, Магдалена Манаскова, Тимчо Муцунски, Валентина Божиновска и други.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top