Мицкоски не се појави на распит во полицијата, СДСМ вели дека е ист како и неговиот шеф од Будимпешта

Христијан Мицкоски, не се појави денеска на распит во полициската станица „Центар“ околу неговиот престој во ресторан кога тоа беше забрането со здравствените протоколи..

Мицкоски не можел да се појави затоа што бил на активности поврзани со кампањата за изборите. Наместо него, на распитот се појавил негов правен застапник.

Но во полицијата на распит се појави поранешниот директор на УБК и сегашен советник на министерот Наќе Чулев, Љупчо Андоновски. Тој изјавил дека самиот побарал од еден од сопствениците на винарницата на „Боемска“ да ја отворат кафеаната, за да можат да седнат со еден „пријател“.

„Бидејќи не работеше винаријата, замолив еден од газдите дали може да отвори и да седнеме со еден пријател. Тој не ни знаеше кој е. Кога виде дека е дојден Христијан Мицкоски, сопственикот нѐ послужи со пијалак и поседевме околу час, час и половина. Потоа си заминавме, а сопственикот ја заклучи винаријата“, изјави советникот на Чулев, Љупчо Андоновски.

СДСМ реагираше дека Мицкоски „денеска покажа дека свесно и намерно ги крши забраните заради заштита од коронавирусот, но и дека свесно и намерно бега од правдата. Неговото денешно непојавување во полициска станица за случајот со неговото кршење на мерките и седење во затворен дел од ресторан кој не смеел да работи е непочитување на институциите, законите и обид за бегство од одговорност.

Режимската матрица на ВМРО-ДПМНЕ на дело. Шеф на опозициска партија и советник во кабинет на министерот за внатрешни работи прекршуваа забрани, а денеска на секој начин се обидуваат да избегаат од одговорност за тоа.

Во стилот на неговиот ментор од Будимпешта, Никола Груевски, Мицкоски крши закони и бега од правдата, но одговорноста нема да избега, нема да го испере ниту советникот на Чулев, Андоновски“, велат од СДСМ.

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на денешната прес-конференција изјави дека МВР имало неселективен пристап во повикувањето на разговор на Христијан Мицкоски и Љупчо Андоновски, посочувајќи дека во иднина е можно да повикани и други лица на распит.

На новинарското прашање за тоа дали неговиот советник Љупчо Андоновски ќе сноси последици за тоа што го кажал на денешниот распит, министерот Чулев само посочи дека и Мицкоски и Андоновски признале дека ја прекршиле владината уредба поради незнаење, но не најави разрешување на неговиот советник.

„Да видиме како ќе ја завршиме постапката“, изјави кратко министерот Чулев на прашањето за тоа дали ќе го разреши советникот Андоновски и не одговори директно на ова прашање.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top