Мицкоски побара опозицијата да предложи Јавен обвинител

Во Македонија има селективна правда, силен политички притисок и реваншизам од власта кон неистомилениците а невини луѓе се во затвор поради политички прогон..

Ова се дел од пораките кои што ги испрати лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од денешниот протест под мотото “Против неправдите, реваншизмот и политичкиот прогон“.

Тој испорача четири конретни барања до Владата и тоа, независен јавен обвинител предложен од опозицијата, крај на притисоците и политичките етикетирања во администрацијата, војската и МВР, формирање на Комисија за заштита од дискриминација и ревизија на сите предмети за кои сметаат дека требало да бидат отворени а не биле, меѓу кои и оние за масовното прислушување на граѓаните, новинарите, судиите и обвинителите.

Карактеристично за овој протест е што отворно беше дадена поддршка на лицата осудени за насилствата во Собранието од 27-ми април како и за Гордана Јанкуловска.

Пред присутните се обрати и пратеникот Игор Дурловски, кој порача дека вистината можеби сега е закопана но никој не може да спречи да се дознае.

Тој најави дека ќе се бори за неговите сопартијци кои се политички прогонувани и според него неправедно осудени.

Покрај протестите продолжуваат и кадровските промени во најголемата опозициска партија. Полковникот Драган Ковачки, кој беше кандидат за технички министер за внатрешни работи, сега е член на ИК што наиде на осуда од владеачката СДСМ.

Владимир Неловски е нов претседател на градскиот Комитет во Скопје а Тимчо Муцунски и Владимир Ѓорчев се новите меѓународни секретари на партијата. Распишан е оглас и за избор на нови претседатели на 15 општински комитети.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top