Мицкоски-Вучиќ: Иднината на Балканот е во прогресивните политичари кои умеат да ги заштитат државните интереси

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во Белград заедно со потпретседателот Александар Николоски оствари средба со Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ..

Соговорниците разменија мислења и ставови за повеќе актуелни теми врзани со регионалните предизвици, начините за интензивирање на соработката и стратешките интереси на двете држави.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски посочи дека водењето на добрососедска политика, меѓусебното разбирање и почитување базирано на принципи и вредности преставува трајна добивка за регионот, а за тоа клучни се интензивните контакти и широко подадената рака за пријателство.

Мицкоски посочи дека Република Македонија и Република Србија споделуваат повеќе заеднички вредности, но и предизвици поврзани со членството во НАТО и Европската Унија и дека тука е потребна соработка и размена на искуствата како и еден отворен и транспарентен пристап од двете страни.

Мицкоски посочи дека е за градење на мостови на соработка, и дека иднината на Балканот е во прогресивните политичари кои умеат да ги заштитат државните интереси и да придонесат за градење на интегрирани општества.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го информираше својот соговорник и за состојбата во Република Македонија при што изрази загриженост за недостатокот на демократски капацитет на владата за издржан дијалог, опасноста од политичкиот терор кој се спроведува врз политичките неистомисленици, како и немањето на сериозен концепт за важните прашања од сферата на надворешната политика каде клучно е заштитата на државните и национални интереси.

Мицкоски додаде дека наметнувањето на теми како законот за јазици, немањето на коцнепт за економски развој, немањето на реформски правец и поразителните економски резултати придонесуваат за слабеење на стандардот на граѓаните, нешто што ја влече државата наназад, и ја одалечува од стратешките интереси за членство во НАТО и ЕУ.

Соговорниците постигнаа согласност дека Македонија и Србија треба да ја интензивираат соработката и дека тоа е единствениот начин на напредок на регионот кој треба да ги надмине ретроградните процеси од минатото, за што е потребна визија и капацитет.

Ова е трета средба од балканската агенда на претседателот Мицкоски и потпретседателот Николоски, каде освен со претседателот на Србија Вучиќ, беше остварена средба и со хрватскиот премиер и лидер на ХДЗ Пленковиќ, и словенечкиот лидер на СДС и поранешен премиер Јанес Јанша.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top