Мицкоски: Заев да не се крие во Германија и да дојде да распише предвремени парламентарни избори

Парламентарни избори заедно со претседателските- на еден трошок бара опозицијата..

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ денеска во интервју за прес 24 го повика премиерот да распише избори, кои би биле своевиден референдум за Македонија, на кој граѓаните ќе ја донеле најважната одлука во својот живот за иднината на својата земја.
По изгласувањето на уставните измени во законодавниот дом, премиерот веќе една недела е надвор од државата – а опозицијата обвинува дека додека тој одмарал во Германија од таму дал зелено светло да се објави неуставен закон за двојазичност кој преставувал напад на Уставот. Мицкоски вели дека сега Уставниот суд е на тест – на кој ќе покаже дали ќе го задржи својот интегритет и заштити Уставот.

  • Објавувањето на овој закон не е дека тој наводно ќе ја подобрел состојбата на Албанците, туку тој чисто поради пр, поради борба за албански гласови прогласи двојазична Македонија. Наместо да објават некоја странска инвестиција тие објавија двојазичност. Јас немам против ниту еден јазик, но мене ми пречи да се крши Уставот и законите и да се менува карактерот на државата. Македонците ги губат своите обележја, додека се ставаат во подредена состојба и другите малцинства во државата, вели Мицкоски.

За Преспанскиот договор и промената на Уставот, Мицкоски вели дека предупредувал одамна. Тој сега бара техничка влада – убеден дека ВМРО ДПМНЕ ќе победел на изборите затоа што сегашната влада ќе била отфрлена од народот.

  • Ни се случува атентат врз државата. Како поинаку да се толкува ова што денес ни се случува. Македонија со Заев го смени уставот, името, идентитетот, сега се менува карактерот на државата, да не говорам за економската катастрофа и катастрофата во другите сфери. Ова е национален срам приреден од Заев. Да не се заборави како се изврши промената на името. Незаконски, нелегитимно, на сила, вели Мицкоски.

Секоја идна коалиција на ВМРО-ДПМНЕ ќе била врз на принципи, а не на гол популизам. Се разговарало и со албанските политички партии, затоа што и Албанците подеднакво како и Македонците живееле лошо. Владата ги зголемила даноците, а сега тргнала народот кој се борел егзистенција. Тоа го покажувал неправедниот закон за пазарџиите.

Во врска со планот на Владата од 4.2 миијарди евра за инвестиции во транспортна инфраструктура, Мицкоски вели дека бил манипулативен, а Владата требала да каже дека тој е до 2030 година. Вели – губењето на државата и сиромаштијата можеле да се стопираат само со смена на власта.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top