Министерката Канческа-Милевска ги отвори сувенирниците во Охрид

Овие сувенирници ќе имаат огромна важност за сите посетители..

Музејски копии на археолошки предмети пронајдени на археолошките локалитети во земјава, охридскиот бисер , копии од фрески, предмети карактеристични за Охрид од вчера конечно се изложени и во Охрид, најголемиот  туристички центар во државава. Со тоа, странските туристи многу полесно ќе се запознаат со нашите вредности.

Во двете сувенирници поставени пред градското пристаниште и кај плоштадот „Чинар“, кои вчера беа свечено пуштени во употреба, ќе се продаваат и модерни сувенири, приврзоци, сложувалки, монографии, карти и други предмети кои туристите ќе можат за спомен да ги понесат со себе.

- Овие сувенирници ќе имаат огромна важност за сите посетители, за сите туристи кои доаѓаат овде во Охрид да си купат по некој сувенир кој ќе остане како спомен, автентичен сувенир кој го отсликува нашето богато културно наследство и сето она што го поседуваме како држава - рече министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа–Милевска, која изрази надеж дека сувенирниците ќе имаат културен бенефит со цел да се отслика културниот и историскиот идентитет на државата.

Министерката најави дека освен на овие две локации, треба да се постави уште еден објект во центарот на градот.

Според градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, поставувањето на градските сувенирници е само уште едно предизборно ветување што локалната самоуправа го реализирала навреме.

- Веднаш беа избрани најдобрите места во градот кои се и најфреквентни. Со добивањето на градските сувенирници, се внесува нов дух во промоцијата на градот и на историските, културните и духовните вредности и се надеваме дека со ваквата заложба на Владата на Република Македонија, заедно со локалната самоуправа, ќе им овозможиме на туристите да најдат место каде што ќе можат да купат автентични сувенири - рече Бакрачески.

Директорката на охридскиот Завод и музеј, институција која ќе стопанисува со објектите, Тања Паскали-Бунташеска, рече дека потребата за вакви сувенирници во Охрид е повеќе од неопходна.

Задоволни од ваквиот облик на претставување на културата се и самите занаетчии кои велат дека на овој начин ќе се прикажат вистинските вредности на резбите, иконите, охридскиот бисер и сите вредни предмети на македонската култура.

Со овој проект, Министерството за култура на повеќе гранични премини и во повеќе градови ќе постави 20 монтажни објекти за продажба на сувенири. Вакви објекти се веќе поставени во Скопје, Крушево, Берово, Дојран и на преминот Богородица.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top