Министерството за здравство дефинитивно оди кај СДСМ, понудата за Села е вицепремиерско место

Кадар на СДСМ дефинитивно ќе стане нов министер за здравство, кое практично функционира без министер откако поранешниот министер Арбен Таравари од Алијансата за Албанците беше избран за градоначалник на локалните избори.

Како што велат за Фокус високи извори од СДСМ, социјалдемократите одлучиле да го „преземат“ министерството поради низата реформи и мерки што ги планира во овој ресор. Притоа, тие ја добиле и поддршката од ДУИ, од каде сметаат дека сосема фер е во ваква ситуација министерството да отиде кај најголемиот партнер.

-По разидувањето со Весел Мемеди, Алијансата за Албанците има само двајца пратеници во парламентот. Едниот од нив, Сурија Рушити, се појавува на работа, но Зијадин Села речиси никогаш не доаѓа, што ни создава проблем во функционирањето, имајќи во предвид дека имаме тенко мнозинство и секој пратеник ни е важен. Во таква ситуација, реално со само еден пратеник во собрание, Села не може да смета на силен ресор, покрај десетиците директорски места и неколкуте заменички министерски места – велат нашите соговорници.

Според неофицијални информации, како компензација на Алијансата за Албанците, СДСМ им нуди вицепремиерско место, односно министерска позиција без ресор, со одредени задолженија. Со оглед дека Села најавуваше дека би прифатил да го отстапи министерството за здравство само доколку како замена добие ресор со идентична тежина од типот на образование или труд и социјала, се поставува прашањето дали тој ќе го прифати вицепремиерското место како утеха или ќе ја напушти владата навреден од понудата?

-Не е вистина дека ќе излеземе од владата. Но, ако некој планирал да направи нешто без да знаеме ние, тоа е веќе друга работа – вели висок функционер од Алијансата за Албанците, од каде сметаат дека нема логика тие да останат без ресор, додека Мемеди истовремено го задржува министерството за локална самоуправа, особено откако на локалните избори се покажало дека тој нема никаков легитимитет.

Доколку Села одлучи да ја напушти Илинденска, тогаш парламентарното мнозинство ќе остане покусо за двајца пратеници, меѓутоа во таква ситуација СДСМ и ДУИ сметаат на Чедомир Дамјановски од ГРОМ и Мерал Ферати од ДПА, како и со други пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ кои изразуваат желба да станат независни. Што точно ќе се случи ќе стане познато откако собранието ќе ги верификува оставките на Стево Пендаровски и Васко Ковачески и ќе ги верификува мандатите на новите пратеници на нивно место. Дури потоа се очекува седница за комплетирање на изпразнетите места на Илинденска.

Извор: Фокус


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top