Министри, пратеници, актуелни градоначалници... ќе се борат за градоначалнички фотелји

Остануваат уште три дена до истекот на рокот за поднесување кандидатури за градоначалници и членови на советите, но до Државната изборна комисија до денеска не стигнала ниту една..

Политичките партии секој ден објавуваат по едно или две имиња на кандидати, но листите не се финализирани. Причината, велат е во сериозните анализи што ги прават, вклучувајќи и анкети на терен, а не во внатрепартиски судири.

Кои се кандидатите за градоначалници кои досега се објавени официјално или неофицијално? Меѓу нив има актуелни градоначалници, министри, пратеници…

Во трката за Скопје СДСМ објави дека пратеникот Петре Шилегов е нивниот кандидат, но ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште калкулира, иако неофицијално се споменува името на актуелниот градоначалник Коце Трајановски. Стефан Богоев  од СДСМ ќе се бори за Карпош, веројатно против Стефче Јакимовски, Златко Марин од СДСМ и актуелниот градоначалник Ивица Коневски ќе се тркаат во Аеродром. СДСМ објави дека во Кисела Вода кандидат ќе биде Филип Темелковски, а во Ѓорче Петров, Александар Наумовски.

Во општина Арачиново СДСМ ја избра Миликије Халими.

Засега е неизвесно дали за Центар актуелниот градоначалник Андреј Жерновски повторно ќе ја добие поддршката од СДСМ или ќе оди како независен кандидат, бидејќи веќе ги собра потребните потписи. Неизвесно е и кој ќе биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, но се шпекулира дека во игра се советникот Томислав Лазаров и пратеничката Даниела Рангелова.

ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп ќе оди со актуелниот градоначалник Марјан Ристески. За Брвеница го избра Стојан Тодоровски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, за Демир Капија актуелниот градоначалник Трајче Димитриев, за Новаци Лазар Котевски, досегашниот градоначалник, за општина Ѓорче Петров, поранешниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски, за општина Гостивар, Дафина Стојановска, за Тетово, пратеникот Горан Манојловски, за Радовиш е предложен актуелниот градоначалник Сашко Николов и за Вевчани, Светомир Угриновски.

Во трката за нов општински татко на Струга се вклучи и лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, а Асаф Адеми од Движењето Беса, министерот Арбен Таравари од Алијансата за Албанците и актуелниот градоначалник Невзат Бејта од ДУИ ќе се „борат“ во Гостивар.

Актуелниот пратеник во македонското Собрание од редовите на ДПА Бардуљ Даути ќе биде кандидатот за градоначалник на општина Тетово, а другите партии на Албанците засега молчат,но, најверојатно силите ќе ги мерат актуелната градоначалничка од ДУИ, Теута Арифи и лидерот на Беса, Билал Касами, а од СДСМ сѐ уште нема објавено кандидат. Владејачката партија нема објавено кандидат ни за Куманово, додека ВМРО-ДПМНЕ се реши за Зоран Ѓорѓиевски.

Професорката по математика, Наташа Петровска, ќе биде кандидатката на СДСМ за градоначалничката функција во Битола, а пратеникот Бетиан Китев во Кавадарци.

Идриз Орана од ДПА повторно ќе се кандидира за Чаир, каде ќе се соочи со Фарук Авдиу од Алијансата, Висар Ганиу од ДУИ и Зекириа Ибрахими од БЕСА. Во Студеничани, Алијансата ќе се натпреварува со Изет Имери, а ДПА со Азем Садику. Неофицијално, кандидат на ДПА за Сарај ќе биде Сефедин Алиу.

За локалните избори потписи имаат собрано и 27 независни кандидати во 22 општини. 



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top