Многу работи не се решаваат со еден телефонски разговор

ПОРАДИ СЀ ПОГОЛЕМИОТ БРОЈ СТРАНСКИ ИГРАЧИ НА БАЛКАНОT.

Македонија и Србија ќе работат на зачувување и унапредување на билатералните односи, а секое евентуално несогласување ќе го решаваат исклучиво со дијалог, договориле македонскиот премиер Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ во вчерашниот телефонски разговор за новонастанатата состојба во односите меѓу Скопје и Белград. 

Но дали толку време кумулираните проблеми и сложената ситуација во односите помеѓу двете земји можат да се решат со еден телефонски разговор? Српската аналитичарка, претседателка на Фондот за политичка извонредност, Соња Лихт, смета дека не можат.
- Кога станува збор за односите помеѓу Србија и Македонија, потребен е дијалог, но секако не е доволен еден телефонски разговор. Топката повторно се спушта, но најдобро ќе беше ако таа воопшто и не се креваше. Јас би сакала, пред да дојде до вакви чекори, како што е повлекувањето на дипломатите, да се воспостави сериозна комуникација - кажа, меѓу другото, Лихт. 

Таа, за Б92, објасни и дека проблемот е во тоа што балканските држави не успеваат да ги преземат работите во свои раце, поради сѐ поголемиот број на, како што рече, странски играчи на теренот. 
- Мислам дека односите меѓу земјите од Балканот се она што, пред сѐ, треба да го земеме во своите раце - заклучи Лихт.  
Инаку, Заев и Вучиќ, како што се наведува во заедничкото соопштение издадено по телефонскиот разговор, се согласиле дека Република Македонија и Република Србија, без оглед на сите политички разлики за одредени важни политички регионални прашања, заеднички ќе се борат не само за зачувување туку и за унапредување на пријателските односи меѓу македонскиот и српскиот народ и граѓаните на двете земји. 

Македонија и Србија ќе вложат и дополнителни напори за натамошно унапредување на економските односи и зголемување на трговската размена меѓу двете земји.
- Република Македонија и Република Србија во согласност со меѓународните правни прописи, во добра волја и на пријателска основа ќе ги штитат правата и интересите на дипломатско-конзуларните претставништва на својата територија. Република Македонија и Република Србија ќе ја интензивираат меѓусебната комуникација на највисоко ниво, меѓусебно ќе се поддржуваат на европскиот пат и ќе ги јакнат добрососедските односи и стабилноста во регионот - се наведува во соопштението.

Кризата во дипломатските односи помеѓу Белград и Скопје почна во неделата, кога Србија го повлече целиот персонал од Амбасадата во Скопје, првично без образложение за причините. Ден подоцна, во понеделникот, српскиот претседател Вучиќ и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ објавија дека дипломатите и вработените во Амбасадата во Скопје биле повлечени поради „офанзивна разузнавачка активност против институциите на Србија“.
Српскиот претседател Вучиќ прексиноќа, во изјава за РТС, најави дека за некој ден ќе биде вратен персоналот во Амбасадата во Скопје и оти работите ќе се нормализираат. Вучиќ не очекува односите да бидат на највисоко ниво, туку, како што наведе, пристојни.

Владата на Република Македонија ги поздрави најавите од официјален Белград за заштита на пријателските односи и за враќање на состојбите во вообичаени рамки и негираше дека се преземени какви било активности против Србија. 
Во меѓувреме, и Европската комисија изрази надеж дека Белград и Скопје мирно ќе се справат со дипломатската криза.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top