Мнозинството одби во Собранието да се расправа за договорот со Бугарија

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа од владејачкото мнозинство и Владата дневниот ред на денешната собраниска седница да се дополни со точката за увид на договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, која не беше усвоена..

Според пратеникот Илија Димовски одбивањето на предлогот покажува дека не постои транспарентност кај новата влада и покрај најавите на премиерот Заев за отчетност и инклузивност на опозизицијата и јавноста за сите политики во процес. По говорот на Димовски, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во знак на протест тропаа по собраниските клупи.

„Со самото гласање против ова, покажувате дека вие сте максимално негативистички против опозицијата. Не дозволувате граѓаните да дознаат што е договорено меѓу Македонија и Бугарија. Овие три минути докажавте дека не сте транспарентни”, рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју за Ројтерс  обелодени дека Македонија и Бугарија го усогласиле текстот на договорот за добрососедство чија цел е решавање на долгогодишните спорови и тензии.

Постигнавме компромис за текстот. Потпишувањето на договорот за добрососедство ќе ја зголеми довербата меѓу нас, ќе покаже дека сме сериозни и дека сакаме да создаваме пријателства во регионот – вели Димитров.

Ројтерс потсетува дека досегашните сложени односи меѓу Македонија и Бугарија ги отежнуваат напорите на Скопје да се приклучи кон НАТО и ЕУ, иако најголемата пречка за тоа е спорот за името со соседна Грција. Притоа се посочува дека договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија се очекува да биде потпишан на 2 август.

Дел од медиумите објавуваат информации  дека со цел договорoт со Бугарија да помине во земјава без последици, новата влада и Заев формираат платен список на историчари кои ќе треба да го бранат или да го премолчат договорот. Неговата содржина за македонските пратеници и јавноста останува тајна, за разлика од Бугарија каде, како што известуваат тамошните медиуми, веќе беше оценуван од комисијата за надворешни работи и е достапен за секој пратеник.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top