Мора да се ослободиме од туѓите влијанија

Крсте Петков Мисирков, есента 1903 година, пишува за потребата од морално и умствено совршена интелигенција!.

Македонскиот народ има своја македонска национална култура и историја, а тој факт го вооружува со непобедливо оружје во борбата за човечки права и за слободен национален живот како рамноправен член во бројот на културните народи, пишува Крсте Петков Мисирков пред повеќе од еден век, а како да им пишува сега на оние што распродадоа сѐ за помалку од две години, надевајќи се дека може да „станеме рамноправен член на културните народи“ без да бидеме народ, без да имаме своја историја, свој национален идентитет и свој јазик. Притоа грото македонски интелектуалци молчат како да станува збор за кванташка распродажба на ајвар, компири и грав.

Пред стои и шеснаесет години, Крсте Петков Мисирков за македонската интелигенција напишал: „Задачата на македонската интелигенција отсега натаму ќе треба да биде да се одделат нагледно за сите: за самите Македонци, и за Турција, и за балканските држави и за големите сили, интересите на Македонците од интересите на другите балкански држави и народи, и да се изучат подробно сите прашања сврзани со избавувањето на нашиот народ и нашата татковина од сегашната голема несреќа и со процветот на нашиот народ во духовен и материјален однос… Затоа македонската интелигенција треба да престане да се однесува меѓу себе со недоверба. Од пропагандите во кои служи ќе треба да бара слобода за постојано општење со интелигенцијата и општеството од другите пропаганди. Во слободните балкански државици, одвреме-навреме, македонската интелигенција, без разлика на пропагандите, треба да организира свои македонски собири, на кои ќе се разгледуваат и ќе се решаваат прашања за духовниот и национален расцвет на Македонците“. Во тоа време, есента 1903 година, во Македонија кулминира физичкиот колеж на македонското население по Илинденското востание, како што сега кулминира идентитетско-националниот колеж на македонскиот народ.

Спасот е во отстранување на омразата!

Во своето обраќање до македонската интелигенција од тоа време, Крсте Петко Мисирков како да мислел на денешната македонска интелигенција, истакнувајќи дека „јазикот е еден од најважните за разрешување на македонското прашање“:
„Слободата на совеста е признаена насекаде; таа е и ќе биде признаена и кај нас. Експлоатацијата на таа слобода се прогонува насекаде и треба да биде прогонувана и кај нас… Првото нешто што ќе треба да направи македонската интелигенција е отстранувањето на недовербата меѓу интелигенцијата со разно национално и религиозно образование, обединување на таа интелигенција како во самата Македонија така и зад нејзините граници; заедничкото опсудување на општите интереси на Македонците, отстранување на национално-религиозната омраза…“ Во продолжение на својот текст „Што направивме и што треба да правиме во иднина“, прочитан на 21 септември 1903 година на првата седница на петроградското македонско научно-литературно другарство „Св. Климент“ во Петроград, Русија, Мисирков пишува:
„Другото нешто што се бара од нас е да се обрнеме кон нашите браќа што војуваат во татковината наша да го положат оружјето за да им се даде возможност на Русија и на другите сили да ги преземат сите мерки што зависат од нив за да се задоволат сите наши религиозни, национални и економски интереси.

Јасно ми е со какво нагодување ќе се однесат мнозина кон овој мој предлог. Може ќе го наречат и предавство. Може да се најдат и луѓе што ќе речат оти треба да се мавнат од овој свет лицата со такви мисли.
Кој како сака нека рече, нека мисли и нека прави против мене.
Долгот кон народот и татковината ми диктираат да се искажам во таква смисла…
При ваква национална раздвоеност, и при полно економско разорување, бесмислени ќе станат секакви конференции, замешувања и реформи, затоа што сите ќе водат кон дележ на Македонија.“

Македонската интелигенција да го сврти поглед кон сериозноста на положбата!

Според Крсте Петков Мисирков, македонската интелигенција не смее да прави експерименти со туѓите животи: „Јас мислам дека наш долг е да ја замолиме македонската интелигенција што има влијание врз сегашното движење да го сврти својот поглед кон сериозноста на положбата… Еден од најглавните долгови на македонската интелигенција е да се отстранат еднаш засекогаш од Македонија бугарската и српската пропаганда, да се основа во Македонија свој духовен центар за Македонците и тој центар, како и самите Македонци, да немаат никакво земање-давање со соседните балкански држави и народи.
Македонска интелигенцијо!
Време е да се помисли дека е грешно да се прави опит со туѓи човечки животи…!
Ни треба интелигенција со јасна свест за моралниот долг кон човекот пред неговата татковина и неговиот народ. Ни треба интелигенција морално и умствено совршена! За полза и среќа на нашата заедничка многу напатена татковина – Македонија!“, завршува Мисирков, додавајќи дека „Македонија мора да се ослободи од туѓите влијанија и да го пренесе центарот на преродбата внатре во неа“.


Мисирков во март 1925 година „Само со Македонци Македонија ќе биде на Македонците!“

Во март 1925 година во весникот „Мир“ Мисирков успеал да објави две статии што можат да бидат опомена и за некои денешни Македонци, имајќи ја предвид актуелната состојба во Македонија: „Ние, македонската интелигенција, без сомнение, ја носиме најголемата одговорност за положбата во која денеска се наоѓа нашата татковина. Меѓутоа, има околности што ја намалуваат нашата вина, нѐ оправдуваат пред нашите несреќни сонародници, особено пред оние што прокудени од своите родни огништа се принудени денеска немили и недраги да скитаат низ разните краишта на Бугарија. Цели триесет години се водеше херојска борба на Македонците за соборување на турското ропство. Едновремено со тоа во Македонија беснееја, деморализирајќи дел од населението, туѓите пропаганди. Македонската интелигенција се оддаде пред сѐ на револуционерна дејност. Но имаше и такви што наоѓаа дека има и други патишта и можеби не помалку важни од револуционерната борба за успехот на македонското дело. Мојата книшка за македонските работи, издадена во Софија во 1903 година, и мојата статија ’За значењето на моравското или ресавското наречје за современата и историската етнографија на Балканскиот Полуостров‘, покажуваат дека дел од македонската интелигенција барала и наоѓала и други средства за борба преку македонската научна мисла и македонската национална свест. Јас не се каам што уште пред 28 години се објавив за македонскиот сепаратизам. За мене тоа беше и останува единствениот излез, најдобриот пат по кој македонската интелигенција би го исполнила и ќе го исполни својот долг пред татковината и пред нашиот народ“, пишува Мисирков, додавајќи дека „само со Македонци, Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив“.
„Македонците или треба да си останат на родните места, или пак, ако им е судено да се местат, да се преместат од едeн крај на Македонија во друг крај, но пак во Македонија, а не во Бугарија, Србија или Елада. Нека ми биде простено, но јас како Македонец на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и моите сонародници… Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината и на мојата татковина, и на целото јужно словенство, и затоа сакам и нас Македонците да нѐ прашаат за сите прашања што нѐ засегнуваат нас и нашите соседи… И нека бидат уверени сите заинтересирани дека кај Македонецот ќе се најде достатно такт и самопожртвување за постигнување на едно општо добро на Балканот, доста е да биде почитувано националното и личното достоинство на Македонецот.“


Говор на Мисирков од 6 август 1914 година

„Германија подготвува конечна ликвидација на Македонија!“

Пред сто и три години, во Одеса, на општословенското собрание, Мисирков одржал жесток говор, зачуван во неговата архива. Над текстот, отчукан на машина, со своја рака допишал: „Говор на претставникот на Македонците К.Мисирков, одржан на општословенското собрание во Одеса на 6 август 1914 година.“ Меѓу другото тој тогаш го рекол и ова: „Сегашната борба со Германците бара од Словените најтесно обединување и полно и искрено заемно уважение. Борбата на словенството со германството, по сѐ изгледа, се јавува како конечна ликвидација на целото словенско прашање, на сите очекувања на словенските народи а во тој словенскиот свет постои и една несреќна Македонија, разделена со Букурешкиот договор на три дела. Македонија има законско право на свое обединување и востановување на царството на царот Самоил и на кралот Волкашин. Меѓутоа, иако Македонците се борат за слободата на словенското дело, како што се бореа и за општословенското дело во Првата балканска војна, сепак сѐ уште Македонија нема добиено никаков манифест за обединувањето во една држава. Борејќи се за словенското дело, македонскиот народ не може да не сака што побрза и полна победа на руското, словенското и сојузното оружје над суетното и горделиво германство. Како резултат на таа победа македонскиот народ очекува да зацари мир, правда и слобода во словенскиот свет, а исто така да бидат уништени и творбите на непријателите на словенството – Берлинскиот и Букурешкиот договор, првиот со кој ѝ се врати на Турција ослободената од руските војски Македонија, а вториот со кој Македонија се распарчи на три дела, давајќи им ги деловите на Србија, Грција и Бугарија. Како татковина на словенските апостоли, светите Кирил и Методиј, на словенското писмо и на древниот литературен и црковен јазик на целото православно словенство, имајќи ја најдревната словенска култура, како земја што ја одбрани својата национална словенска самобитност во текот на 1.400 години, издржувајќи ја најупорната борба со исконските непријатели на словенството на Балканот – Грците и Турците, при што последниве 20 години во историјата на Македонија претставуваа постојано и сеопшто востание на Македонците против Турците, Македонија со учеството во Првата балканска војна против Турција и во борбата на Србија со Австро-Унгарија ги заслужи истите ветувања и истата награда како раздробената на три дела Полска.“

Пишува: Блаже Миневски

Извор: Нова Македонија


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top