Москва: Британските тврдења за труењето на шпионот се циркуска претстава

Портпаролката на министерството за надворешни работи на Русија ја опиша како „циркуска претстава“ и ја отфрли како „провокација“ денешната изјава на британската премиерка Тереза Меј.

Марија Захарова кажа дека тоа обвинување против Русија е „уште една информациска и политичка кампања заснована врз провокации“, пренесуваат руските медиуми.

Британската премиерка денес изјави пред британскиот парламент дека поранешниот двоен руски агент Сергеј Скрипаљ бил изложен на воен нервен агенс каков што произведува Русија и дека постои „голема веројатност“ Русија да е одговорна за труењето.

Захарова го опиша тврдењето на британската премиерка како „циркуска претстава во британскиот парламент“.

Меј кажа дека хемикалијата употребена во нападот е идентификувана како дел од групата нервни агенси познати како „новичок“, кој ги произведувал Советскиот Сојуз кон крајот на Студената војна.

Таа кажа дека рускиот амбасадор во Лондон е повикан да објасни дали труењето е „директна акција на руската држава“ или е последица на „губењето контрола“ врз резервите на нервни агенси.

„Ако нема кредибилен одговор, ќе заклучиме дека оваа акција се сведува на незаконска употреба на сила на руската држава против Велика Британија“, кажа Меј. Таа му даде на рускиот амбасадор рок за одговор до утре.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top