МПЦ е активен бизнис партнер во градежните зделки - нема отчет каде одат парите од верниците

Додека верниците ги учи на скромност, МПЦ ја зголемува својата улога во бизнисот со градежните парцели кои ги поседува..

МПЦ го надмина Фи Ком“, „Додека чека имот од државата, МПЦ-ОА купува земјиште за цркви“, „МПЦ ја потресе нов финансиски скандал“… – ова се само дел од насловите кои кружеа минатите години. Сега МПЦ повторно се споменува во градежен бизнис. На 25 октомври годинава фирмата МГ Фешн и фимрата Обновители на МПЦ од државата откупиле парцела од 9048 метри квадратни во строгиот центар на градот, како основ дека веќе поседуваат 30 % од градежната парцела. Црквата уште во 2010 година си регистрирала фирма за вакви цели. Како сопственици се јавуваат МПЦ и Зоран Антиќ кој заедно со својата сопруга ја поседува и МГ Фешн.

Антиќ учествувал со паричен влог од 424.600 денари, а МПЦ со непаричен влог од над 147 милиони денари. Приоритетна дејност на фирмата Обновители е Изградба на станбени и нестанбени згради, а како управители се заведени извесен Сашо Данаиловски и отец Вичко Гочевски од село Кадино. Фирмата шест пати правела измена во Цетралниот регистар. Последната промена е заведена во март годинава со која се интервенирало во основачкиот договор.  На телефонските броеви кои ги добивме од управителите, ни се јавија нивни роднини и одбија да ни дадат точен телефонски број. Завртевме и во скопската епархија. Отец Ванчо кој ни беше посочен за контакт ни спушти слушалка кога слушна дека сме од телевизија. Никого не добивме ниту во Лешочкиот манастир кој е вистинскиот сопственик на земјиштето во центар. Единствено Владиката Тимотеј ни одговори на повикот, но негираше било каква поврзаност со парцелата во центар и со фирмата Обновители.

На местото каде сега ќе се гради, во време на претходната власт беа планирани 60 катници, а сега откако продажбата е направена и новите власти и фирмата МГ Фешн за 1Тв потврдија дека зградите кои ќе се градат нема да бидат толку високи, а МПЦ ќе добие станови и деловен простор. Парцелата ја купиле за сума од близу три милиони евра или 312 евра за метар квадратен.  Сопствениците на МГ ФЕШН, Зоран и Тања Антиќ не сакаа да одговараат на нашите прашања детално и пред камера, туку само ни испратија писмен одговор.

„Во постапкава МПЦ нема учествувано во купување на градежната парцела. Цената на градежното земјиште се пресметува согласно Уредбата од Владата на Република Македонија за висината на цената на градежното земјиште сопственост на Република Македонија и висината на посебните трошоци за спроведување на постапките за отуѓување. Во текот на постапката на отуѓување на градежното земјиште добиено е и позитивно мислење од Државното Правобранителство на Република  Македонија. Во моментов не е изготвена проектна документација за евентулната градба па од тие причини не се знае колкави објекти и со која висина ќе се гради на просторот. Намерата на инвеститорот е да изгради современи објекти од категорија “А2” домување во станбени објкети и објекти од категорија “Б” за комерцијални и деловна намена. Во секој случај на локацијата нема да се градат шеесеткатни згради. Во контакт сме со неколку реномирани странски проектански фирми кои работат на концептот на уредување на просторот. Објектите ќе се градат согласно највисоките светски стандарди како енергетски ефикасни објекти. Целиот простор ќе се оплемени со зелени површини како во партерот така и во самите објкети и на нивните кровови. Во моментов немаме никаква проектно техничка документација и немаме добиено било какви одобренија или дозволи за градба, велат од МГ Фешн.

Новите власти кои го склучија последниот договор за продажба на земјиштето, не гледаат ништо спорно во оваа постапка.

Сепак, остануваат неодговорени прашањата кои се однесуваат на црквата. МПЦ добива парични средства од буџетот, а не плаќа никаков данок на државата. Речиси е невозможно и да се дознае колкава сума инкасира црквата од парите кои верниците секојдневно ги оставаат. Имотот на црквата е огромен и повеќе од очигледно е дека МПЦ е активен бизнис партнер во градежните зделки. Јавноста нема податок каде и како црквата ги користи парите кои и се располагање. Единствен видлив траг од трошењето на парите од страна на свештените лица е возниот парк кои тие го поседуваат и луксузните автомобили во кои може да се забележат. Скандал предизвика и луксузниот глисер од 180 илјади евра кој минатата година беше забележан пред Калишкиот манастир, а МПЦ ревносно се огласи дека само го чува глисерот и се закани со тужби на медиумите за објавените текстови. Скандали ја пратат МПЦ децнија наназад. Во 2007 МПЦ беше во медиумите кога го стави под хипотека хотелот Изгрев во Струга како гаранција за банкарски кредит, а една година порано јавноста реагираше за скандалот Говрлево кога МПЦ сакаше да продаде имот на кои се наоѓаат цркви и манастири. Во изминатите години црквата ги правдаше своите фирми и бизнис зделки како дозволени од законот. Она што е очигледно е дека имотот и финансиите на оваа организација ослободена од давачки, се во постојан раст, но никој не одговара колку заработило дел од раководството на МПЦ од парите на верниците и на даночните обврзници.

Извор: 1tv


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top