Мурињо расположен по триумфот над Челзи: Можеби ги избрав најдобрите играчи

Одличната тактика на Жозе Мурињо успеа да го запре неговиот некогашен тим Челзи на „Олд Трафорд“..

„Можеби не ги одморавме играчите, туку само ги избравме најдобрите за овој меч“, истакна Мурињо и додаде:

„Целосно го контролиравме натпреварот се до моментот кога на Челзи му ја препуштивме доминацијата. Знаевме дека тоа ќе им ја отежне работата, бидејќи тешко играат кога противникот ќе им се постави вака“, изјави Мурињо по мечот.

Го пофали и младиот Рашфорд, но и комплетниот тим.

„Маркус беше фантастичен. Беше пребрз за одбраната на Челзи, а овој гол ќе му ја зголеми самодовербата. Сите беа фантастични денеска, презадоволен сум од тимот и од резултатот. Моравме да победиме, бидејќи не ни одеа во корист резултатите на Сити и Ливерпул. Нам бод денеска ништо немаше да ни значи во борбата за Лигата на шампионите“, изјави Мурињо.

Јунајтед до крајот ќе се бори за пласман во ЛШ со Ливерпул и Манчестер Сити. Иако постои опција за пласман во најелитното клупско натпреварување преку триумф во Лигата на Европа, Мурињо не се откажува од Премиер лигата.

„Не сакам да се откажам од Премиер лигата, иако можеме да ја освоиме Лигата на Европа. Се додека математички е возможен пласман во ЛШ, ние ќе се бориме“, изјави Мурињо.

„Црвените ѓаволи“ моментално се на петтото место со 60 бода, шест помалку од Ливерпул и четири од Манчестер Сити, но со два, односно еден натпревар помалку од овие ривали.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top