Мурињо се надева дека Скопје ќе биде среќно за него: Реал е фаворит, никогаш не сум го освоил Суперкупот

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо започна своевидна психолошка војна во пресрет на мечот со Реал Мадрид, истакнувајќи дека „Кралскиот клуб“ е фаворит во Суперкупот на Европа кој се игра утре во Скопје..

Двата великани на светскиот и европскиот фудбал утревечер ќе ги одмерат силите на „Телеком Арена“, а судејќи според подготовките за новата сезона, Манчестер јунајтед е тој кој е во подобра форма во овој момент.

Но, тоа не е доволно за Мурињо, кој сепак ја префрли фаворитската улога кај „Кралевите“, бидејќи тие се европски прваци.

„Моите играчи немаат искуство од играње големи натпревари во Европа, ова е нов Манчестер јунајтед, нова генерација. Минатата сезона, игравме во Лига Европа, да се стекнавме со одредено искуство, но сега се враќаме во Лигата на шампионите и во Суперкупот играме против најдобриот тим во Европа“, изјави Мурињо.

Инаку, Мурињо се уште го нема освоено трофејот во Суперкупот на Европа, иако со своите тимови ја освојувал и Лигата на шампионит и Лигата на Европа. Поради ова, тој се надева дека Скопје ќе биде среќно за него и дека за првпат ќе има шанса да се закити со овој трофеј.

„Секогаш кога сум предводел екипа во Суперкупот на Европа, доаѓав како победник во Лига Европа. Кога ја освоив Лигата на шампионите со Порто, си заминав од Порто. Кога ја освоив Лигата на шампионите со Интер, си заминав од Интер, па никогаш не сум учествувал во Суперкупот како најсилен тим. И сега е истата приказна. Со Манчестер јунајтед ќе му се спротивставам на Реал Мадрид, освојувачот на Лигата на шампионите“, изјави Мурињо.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top