Мурињо во свој стил: Ако се плашите седете си дома и гледајте си Бундеслига

Цел свет со нетрпение го очекува фудбалот, а најмногу враќањето на Премиер лигата. Најмногу кој посакува да се врати е и Жозе Мурињо..

Барем таков впечаток се стекнува на основа на потезите кои Португалецот ги влече откако пандемијата го парализираше светот. Најпрво ги охрабруваше играчите на Тотенхем непречено да тренираат на отворено со цел да ја одржат формата во пресрет на очекуваното продолжение на сезоната, а сега кога тој датум за почеток на повторно играње на натпревари се наближува јасно порача дека сака да се врати на теренот.

Ниту коронавирусот не го спречува. Едноставно, „Специјалниот“ е човек создаден за акција, а не да седи во затворено и затоа англиските медиуми откриваат како им се спротиставил на колегите во тренерската професија кои изразиле загриженост дали да се излезе на стадионите пред пандемијата целосно да стивне. Жозе е поинаков тип, па на видео конференцијата им порачал:

„Доколку сте загрижени да се вратите во акција, тогаш останете дома и гледајте мечеви од Бундеслигата“, гласела наводната порака на Мурињо до Пеп Гвардиола и Френк Лампард, најголемите заговорници на идејата да се почека пред враќањето на терените.

Мурињо, пак, покажува кон Германија, каде веќе во сабота продолжува сезоната. И вели дека и самиот едвај чека истото да се случи во Англија, со тоа што пред 12 јуни такво нешто секако не е возможно.

„Сакаме да тренираме. Очајнички го чекам враќањето на Премиер лигата што е можно побрзо, штом безбедносните услови дозволат. Особено сега кога гледам дека другите првенства продолжуваат“.

Менаџерот на Тотенхем стана мета на критики затоа што јавно ги поддржал своите играчи заедно со нив работеше на отворено на почетокот од пандемијата, но самиот вели дека сите мерки за претпазливост и социјална дистанца ги почитувал.

„Исклучително сум горд поради начинот на кој моите момци се грижеа да останат во форма. Покажаа професионализам, страст и посветеност кон работата. Исклучително напорно работевме на тоа да се вратиме во процес на тренирање, но водевме сметка да бидеме изолирани од другите луѓе. Сега кога тренинг центрите повторно се отворени можеме да ги користиме нив. Сите фудбалери беа исклучително посветени на индивидуалната работа во текот на паузата, а сега само чекаме дозвола да почнеме со тренинзи во помали групи“, појасни Мурињо.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top