Набрани бадниковите гранчиња, новиот кум го презеде кумството

Тие ќе бидат поделени пред соборниот храм Свети Климент Охридски на 6-ти јануари.

Крцнаа ножиците, а кумот Методија Стефановски го засече првото бадникарско гранче. По 23-ти пат скопските бадникари се качија над Говрлево и во видливи услови, без магла и смог ги исекоа гранчињата.

Тие ќе бидат поделени пред соборниот храм Свети Климент Охридски на 6-ти јануари, и со нив скопјани ќе ги украсат бадникарските порти. Кумот Тоде го презеде кумството од бизнисменот Даниел Воиновски со надеж дека и тој лично и нацијата ќе имаат среќа во наредната година.

Присутните бадникари ги поздрави и здравичарот, писателот Владимир Плавевски.

Потсекувањето на бадникарчињата почна со благослов на свештеник од храмот, а бериќет посакаа и градоначалниците на Скопје и Сопиште.

Градоначалникот Трајановски не одговори за загадениот скопски воздух поради традиционалната манифестација. А горе на Козјак имаше и сонце и чист воздух, но и многу граѓани кои дојдоа и да се надишат и да ја продолжат убавата традиција.

Откако церемонијалното засекување на бадникарски гранчиња заврши, присутните се свртеа кон посното гравче, рипче од скара и рујното вино. Инструментите засвиреа за новиот кум со народни и староградски песни. Се во чест на претстојниот Бадник.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top