Најголемата криза го притисна Цукерберг во аголот

Голем наивец или зол волк, основачот на Facebook, Марк Цукерберг во својата 33-та година се соочува со најголемата криза во историјата на својата социјална мрежа од што се обидува да се спаси со низа извинувања и ветувања..

Facebook е „создаден да ги приближи луѓето“, се фалеше уште во јануари младиот милијардер кој компанијата ја основал пред 14 години. Но денес критичарите ја напаѓаат социјалната мрежа и нејзиниот челник бидејќи британската компанија Cambridge Analytica од Facebook собирала податоци за 50 милиони корисници коишто потоа ги користела во политички кампањи.

По неколку дена молчење, што исто така наиде на негодувања, Марк Џукерберг во средата конечно се извини. „Ова беше многу сериозно кршење на довербата и многу ми е жал порача“.

Facebook има повеќе од две милијарди корисници и уште до минатиот викенд на берзата чинеше повеќе од 500 милијарди долари. До петокот акциите му паднаа за 10 отсто. А проблемите допрва започнуваат.

Последен удар се чини е зададен од објавата на милијардерот и иноватор во вселенските истражувања Илон Маск, кој ноќта кон саботата објави дека ги затворил профилите на своите компании SpaceX и Tesla на Facebok. Тоа започна на постот на Twitter на Брајан Актон, еден од креаторите на сервисот WhatsApp кој на мрежата го лансираше хаштагот #deletefacebook. „Време е да се #отстранифејсбук“, напиша Актон. „Што е тоа Facebook“, го праша Маск. На тоа еден од корисниците запраша дали ќе ја отстрани страницата на SpaceX од Facebook. „Не знам дека сме имале. Ќе го сториме тоа“, одговори Маск. Потоа, откако новинарите на BuzzFeed и The Wire Report му испратија на Маск скринови од страниците на неговите компании на мрежата, тој одговори: „Апсолутно. Во секој случај, изгледа дека нешто смрди“. Потоа страниците на SpaceX и Tesla ги немаше повеќе на Facebook.

Цукереберг делува обезглавено

Младиот црвенокос милијардер со детско лице изминатите месеци веќе признаваше грешки. Неговиот Facebook е обвинет дека помага во ширењето лажни вести, дека претставува закана за демократскиот поредок и оти кај корисниците создава зависност.

Цукерберг низ сите овие расправи, ветувања и извинувања „делува како момче коешто не знае каде оди“, смета аналитичарот Боб Ендерле. Како креатор на успехот на Facebook кој одбива да препушти дури и делче од својата моќ, Цукерберг е олицетворение на својата компанија, но со тоа и ги прима сите удари на нејзина сметка. Последниот пример е неодамнешното издание на магазинот Wired во кое е прикажан со модринки.

„Го покренав Facebook и, на крајот од краиштата, одговорен сум за она што се случува“, изјави во средата, изложувајќи се уште повеќе на критиките од аналитичарите, експертите и владини функционери.

Цукерберг, кој иако „тежи“ повеќе од 70 милијарди долари и натаму носи обични маички и фармерки, магазинот Wired го обвинува дека „не успеал да ги реши основните проблеми“. Ми се забележува и дека предоцна реагирала и мислел дека сѐ може да поправи сосема сам.

Креацијата му се лизна од рацете

На поранешниот студент на Харвард кој во светот на сметачките машини навлегол од 11-та година, како бумеранг му се врати имиџот на неискусен и помалку арогантен претприемач од кој дури неодамна успеа да се отараси.

„Повторно се покажа неговата неискусност. Повеќе не е херој каков што многумина претходно го сметаа, неговиот углед и имиџот силно се урнаа“, вели Ендерле и тврди дека Цукерберг требало да прифати помош за да подобро управува со кризи. Заклучува дека „доколку Facebook бил традиционална компанија… Цукерберг одамна би бил минато“.

„Мислам дека е искрен и дека е навистина мотивиран со својата декларирана желна за приближување на луѓето, но веројатно е сѐ пофрустриран со несаканите последици на својата наивна амбиција. Мислам дека дојдовме до точката кога најдобар начин за остварување на своите амбиции му стана заминувањето“, пишува авторот и новинар Девин Колдвеј во магазинот TechCrunch.

На многумина им се чини дека Facebook му се оттргна од рацете на својот творец кога го покрена многу млад, замислувајќи го како онлајн верзија на универзитетски алманах пред да ја открие волшебната формула кога го направи богат – личните податоци на корисниците. Овој извонредно успешен економски модел го привлече моќниот свет на маркетиншката индустрија, која силно посакува поефикасен досег до своите целни групи. Но моделот е кршлив, бидејќи се темели на довербата на корисниците, а таа сега е на ниски гранки, што го покажува и падот на берзанската вредност и го одразува неспокојството на вложувачите.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top