Најмалку една жртва во напад врз луксузен хотел во јужниот дел на Пакистан

Вооружани напаѓачи пукаа во хотел со пет ѕвездички во југозападната пакистанска провинција Балоџистан, јави Би-би-си. Во нападот е убиено најмалку едно лице, а одговорноста за нападот ја презема сепаратистичката Ослободителна војска на Балоџистан..

Безбедносните сили го оградија хотелот Перл Континент во пристанишниот град Гвадар по нападот изведен од најмалку тројца мажи.

„Тројца или четворица напаѓачи упаднаа во хотелот и сега траат судири со припадниците на безбедносните сили и терористите“, соопшти полицијата, додавајќи дека нема информации за човечки загуби, пренесе Ројтерс.

Полицијата наведе дека во регионот се распоредени дополнителни полициски, антитерористички и воени сили. Полицијата соопшти дека во хотелот се слушнале 10 експлозии. Локалниот министер за информирање Захур Буледи рече дека сите гости се безбедно евакуирани од хотелот.

Како што пишува Би-би-си, пукањето околу хотелот не престанува, а областа е надлетувана со хеликоптери.

Не е познато колку луѓе биле во хотелот за време на нападот, кој започнал околу 16:50 по локално време.

Министерот за внатрешни работи на покраината Зиаулах Ланг за АФП изјави дека безбедносните сили се борат со милитантите.

„Тројца терористи се обидоа да упаднат во хотелот Перл Континентал во Гвадар. Чуварот се спротивставил. Терористите пукаа во него и го убија“, соопшти војската.

Гвадар, град на Арапското Море, е стратешко пристаниште на прометниот коридор меѓу Кина и Пакистан и е дел од кинескиот инфраструктурен мегапроект „Еден појас, еден пат“.

Портпаролот на армијата рече дека гостите на хотелот безбедно се евакуирани.

„Безбедносните сили ги опколија терористите на скалите што водат до последниот кат“, изјави портпаролот на армијата за Франс прес.

Како што се наведува безбедносните сили ја затвориле зоната околу хотелот. Претходно министерот за внатрешни работи изјави дека веројатно четворица вооружени лица упаднале во овој хотел со пет ѕвездички и отвориле оган.

Министерот пренесе дека добиле информации дека неколку луѓе се лесно повредени.

Возила на брза помош и тимови за спасување чекаат на патот што води кон хотелот, изјави еден полицаец, додавајќи дека слушнал пукање и дека смета дека операцијата на безбедносните сили е при крај.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top