Народен правобранител до МОН: Да се најде системско решение за учење од дома

Образовните институции не беа целосно подготвени за далечинско учење, особено во почетокот на корона кризата, а притоа, најпогодени од состојбата се учениците во руралните средини.

Народниот правобранител констатирал дека дел од учениците немале пристап до потребната технологија, средства и интернет за реализација на зададените задачи од страна на наставниците, а не ја добивале на исто ниво ниту поддршката за совладување на материјалот, што дополнително води до нееднаквност и неможност за целосно вклучување во процесот на учење и совладување на знаења, умеења и вештини. Според Народниот правобранител, учењето од дома и натаму ќе остане предизвик и бараат МОН да изготви унифициран систем за реализација на наставата.

„Народниот правобранител, следејќи ја состојбата со образованието на децата согледа дека за време на траењето на онлајн наставата (почнувајќи од средината на март, па сè до крајот на учебната година) училиштата и наставниците не добија унифициран систем, издржана платформа преку која секојдневно ќе комуницираат со учениците и ќе ја реализираат наставата. Имено, кон крајот на март со појавувањето на платформата за далечинско учење ‘Едуино’ се забележаа низа пропусти на самата платформа, првенствено поради тоа што повторно стануваше збор за еднонасочно предавање на материјалот преку кратки видеа подготвени од малкумина наставници ентузијасти, при што многу теми се повторуваа, а истовремено одредени теми воопшто не беа обработени, па дури и недостигаа цели наставни предмети. Имајќи ги предвид реакциите и забелешките на родителите и учениците, произлегува дека платформата ‘Едуино’ не беше системско решение кое беше општоважечко и обврзувачко за секое училиште, односно за секој ученик“,  пишува во Мислењето на Народниот правобранител.

Проблеми пријaвиле и средношколците: недоволни ресурси, неприлагодена наставна програма, недостаток од онлајн платформа од Министерството за образование и наука, особено за стручните училишта, немање упатства за реализација на практична настава, недостаток од обуки за користење на ИКТ во наставата преку кои би се зајакнале компетенциите на наставниците за далечинско учење, немање техничка опрема на дел од наставниците и учениците и сл.

„Потребно е итно да се пристапи кон подготовка, мониторирање и евалуација на инклузивните едукативни политики насочени кон поддржување на учениците од неповолните групи, особено во поглед на дигитализација на образованието за што овие ученици треба да бидат добро подготвени (и од технички аспект, но и од аспект на развој на нивните ИТ вештини). Покрај наведеното, и наставниот кадар исто така, треба да биде добро подготвен за дигитализацијата на наставата, особено оние наставници кои работат со учениците од неповолните групи, па во тој контекст за наставниците потребно е итно организирање на обуки како би можеле во иднина да излезат во пресрет на потребите на своите ученици“, смета Народниот правобранител.

Народниот правобранител очекува МОН сериозно да го разгледа мислењето, а за преземените мерки да го извести Народниот правобранител во рок од 30 дена од приемот, согласно член 34 од Законот за народниот правобранител.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top