Насковски: ВМРО-ДПМНЕ е заложник на група луѓе лојални на Груевски

Интервју на Стево Насковски за Дојче Веле.

Од надворешни центри и наши партиски паралелни структури се врши притисок за бојкот, при што се жртвуваат стратегиските определби на ВМРО-ДПМНЕ, вели разрешениот организационен секретар на партијата Стево Насковски во интервју за Дојче Веле.

Стево Насковски до минатата недела беше организационен секретар во ВМРО-ДПМНЕ. Разрешен е „во пакет“ заедно со над 15 партиски потсекретари. Одлуката поминала на седница на Извршниот комитет само како бројка, без поименично да се наведе за кого се однесува. Образложение не добиле ни разрешените, ниту пак информацијата беше споделена во партиското соопштение издадено по седницата. Извори од партијата за ДВ тогаш изјавија дека „полека се расчистува со реформаторите“, односно со „оние што се на линија на ЕУ и НАТО“.

Во разговор за ДВ, Насковски дава свое видување за разрешувањето на проевропски oриентирани кадри во ВМРО ДПМНЕ, во актуелниот предрефрендумски период.

Насковски: ВМРО-ДПМНЕ е голема политичка партија и спојува различни луѓе. Нормално е да има различно мислење. Проблем е што партијата продолжи да биде заложник на интересите на една група луѓе, кои се целосно лојални на Никола Груевски, а не на вредностите на ВМРО-ДПМНЕ. Европската ориентација на ВМРО-ДПМНЕ е единствено прифатлива, што впрочем е вметнато и во Статутот на партијата. Ние вмровците треба да избереме дали сме лојални на Груевски, или на ВМРО-ДПМНЕ и нашите вмровски и европски идеали. Јас имам избрано и јасно и гласно кажано, па тоа е најверојатно една од главните причини зошто се случуваат вакви настани во партијата. Останувам во контакт со вмровците и базата. Никогаш не е важна функцијата, важна е идејата во која веруваш. Жалам што во јавноста и во Вашиот медиум триумфализам покажаа оние кои се против обединувањето на ВМРО-ДПМНЕ и кои се борат само за сопствен интерес. Можеби тие се луѓето кои треба да се подалеку од структурите на партијата.

ДВ: Добивте ли образложение од партијата за вашето разрешување?

Насковски: Не, сѐ уште очекувам точна информација што се случува. Ако се намерите за подобрување на работењето на партијата, сите ние ќе ги прифатиме и поддржиме, без разлика дали сме на функција или не. По состојбата во која се наоѓаме, и по референдумот повторно ќе има мешање на картите во ВМРО-ДПМНЕ и тоа многу посериозно од претходно, па тогаш ќе видиме кој е патот кон иднината на ВМРО-ДПМНЕ. Тука сме да служиме на повисоки цели, на европска Македонија и на европско ВМРО-ДПМНЕ, а не на функции.

Вие сте од редот на реформистите кои беа инкорпорирани во партиските органи и тела. Колку од разрешените, над 15 потсекретари, ѝ припаѓаа на реформистичката струја?

Не е значајно кој од која структура доаѓа, туку кој за што се залага и каква визија има за иднината. Но, апсолутното мнозинство од разрешените доаѓаме токму од внатрешната иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ.

Гледате ли во тоа директна тенденција против реформистите, односно против вашите ставови?

Пораката е јасна: нема толеранција за напредни и европски ставови, за различно мислење, барем не кај дел од партиските функционери. Особено нема простор истото да биде презентирано пред Општинските комитети, кои се чуваат херметички затворени за прогресивни ставови и луѓе. За жал, сѐ уште нема официјално образложение за потегот. Барем не е доставено до мене.

Кои се Вашите ставови за референдумот?

ВМРО-ДПМНЕ е партија која поддржува референдум со цел решавање на прашањето со името, а тоа многу пати беше најавувано и од претходното раководство. Како секој од нас ќе се произнесе на тајно гласање - е негова работа! ВМРО-ДПМНЕ не може да поддржи иницијатива за некаков бојкот, кој во никој случај нема да го стопира Договорот со Грција, бидејќи следи истиот да биде ставен на собраниска расправа и со можност да помине во Собранието. Таквата иницијатива (за бојкот - н.з) има поддршка од земји со поинакви интереси од нашиот, македонски интерес. Наш единствен пат се НАТО и ЕУ, друга алтернатива немаме. Можеби беше потребно да има јавна дебата околу тоа што добиваме, а што губиме со Договорот, но истиот е веќе потпишан, и тоа е. Друго некакво решение никој не понуди. Мене највеќе ме загрижува одржливоста на Договорот, дали тоа е веќе крајот на спорот, и дали во иднина нема да се појават нови барања од грчка страна.

Какво е расположението во базата во однос на референдумот, односно интеграциските предизвици?

Расположението на базата за евроатлантска интеграција на Република Македонија е на високо ниво. Членството на ВМРО-ДПМНЕ сака да ја види Репблика Македонија како членка на НАТО и како членка на Европската Унија. Вмровците сакаат нивната држава да биде во друштво, рамо до рамо, со најразвиените и најдемократските држави во светот. Но цело време, што од надворешни центри, што од наши партиски паралелни структури, се врши притисок и пропаганда за бојкот, при што се жртвуваат стратегиските определби на ВМРО-ДПМНЕ и се извртуваат вистинските вредности во таа насока.

Која би била Вашата порака кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ?

Обединувањето ќе ни даде сила да донесеме правилен заклучок и за овој референдум. А единственото нешто кое нѐ обединува, тоа е идеологијата на ВМРО и нашиот пат кон ЕУ и НАТО.

Извор: Дојче Веле


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top