НАТО не заминува од Авганистан, но подготвени се за постепено повлекување

НАТО не заминува од Авганистан, но постепено ќе го намалува бројот на војници ако талибанците покажат волја за постигнување на мир, рече главниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг..

Во Авганистан моментално има 60 илјади војници на НАТО. САД и талибанците во четвртокот се договорија за деескалација на судирите, отворајќи пат за постепено повлекување на американските војници.

Зборувајќи на конференцијата за безбедност во Минхен, Столтенберг рече дека НАТО не заминува од Авганистан, но дека се подготвени да го прилагодат бројот на војници ако талибанците демонстрираат волја за копромис.

– Тоа може да го отвори патот за преговори за одржлив мир и да обезбеди земјата да не биде упориште на терористи – истакна Столтенберг.

САД во петокот постигнаа договор за намалување на насилството со талибанците, односно за седумдневен период на деескалација, кој уште не е започнат.

За тоа американскиот државен секретар Мајк Помпео и министерот за одбрана Марк Еспер разговараа во Минхен со авганистанскиот претседател Ашраф Гани.

– Уште немаме договор, но близу сме до него. Целта не е што подолго да се остане во Авганистан, туку да им се испрати порака на талибанците дека никогаш нема да победат на боиштето и дека мора да седнат на масата за преговори – рече Столтенберг.

Обраќајќи им се на сојузниците во Минхен, Стотенберг додаде дека Западот не „скршнал од патот“ и дека западните вредности не ја загубиле силата со која луѓето „од Хонгконг до Техеран се борат за слобода“.

– НАТО е најдоброто олицетворение на Западот. Европа и Северна Америка мораат да останат заедно и да се одбрани нашиот начин на живот во технолошки и воено сѐ покомпетитивниот свет – истакна секретарот.

Како пример за успешноста на Сојузот го наведе тоа дека Исламска држава (ИД) повеќе не контролира ниту еден дел на Сирија и дека од репресијата на милитантите се ослободени милиони луѓе.

За „сѐ посамоуверената“ Русија рече дека таа сака да се врати во времето на поделба на влијанието и да влијае на западната демократија. Во поглед на Кина, наскоро најголемата економија на светот и земја со втор најголем воен буџет, вели дека западните земји не би смееле да ја жртвуваат долгорочната стабилност за краткорочната економска корист.

– Не смееме меѓусебно да се натпреваруваме. Европа и Северна Америка се две страни на истиот медал, претставуваме половина од целата светска економија и воена моќ. Кога сме заедно, можеме да се натпреваруваме со било кого – истакна главниот секретар на НАТО.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top