НАТО самитот во сенка на средбата Трамп-Путин

На овој собир на НАТО кој се одржува нерегуларно, еднаш годишно или биенално, за првпат присуствува Доналд Трамп, и настанот е засенет со претстојната средба на американскиот претседател со рускиот претседател Владимир Путин..

И во Вашингтон и во Брисел очекуваат самитот да донесе изненадувања во однос на присуството на претседателот на САД. Трамп досега повеќепати изјавуваше дека европските сојузници треба да трошат многу повеќе за одбраната на своите земји.

Неединството од средбата на Г-7 во Канада може да избликне и на настанот неделава.
Имено, сојузниците тогаш можеби за првпат се судрија со разногласје за најважните економски и политички проблеми на регионално и светско ниво. Оваа средба во Квебек беше крстена и како „Г-6 + Трамп“ со оглед на проблематичните позиции на САД за клучните проблеми. Трамп тогаш предвремено ја напушти средбата и ги стави под знак прашање донесените резолуции.

Познавачите на состојбите сметаат дека колку и Трамп да настојува на зголемување на трошоците за одбрана, европските влади разбираат дека зајакнување на нивните одбранбените сили е повеќе од потребно. Американскиот претседател вчера преку Твитер соопштение уште еднаш ги повика сојузниците да трошат повеќе за одбрана.

-Тие ќе ја зајакнат одбраната не по барање на Трамп туку затоа што самите прават анализи за заканите по безбедноста, изјави Егмонд Свен Бископ, експерт во Кралскиот институт за меѓународни односи (Чатам хаус) од Лондон.

Повеќе земји членки на ЕУ се едногласни дека една од тие закани доаѓа од обновената сила на агресивна Русија. Според набљудувачите, веднаш по НАТО самитот и посетата на Велика Британија, Трамп го очекува многу поважен самит – средбата со Путин во понеделник во Хелсинки.

За двајцата, тоа ќе биде нивната прва целодневна работна средба.

Според руски медиуми, Москва веќе испратила до американскиот Стејт департмент нацрт за заедничка изјава на претседателите. Американската страна одговорила дека е подготвена да го прифати документот како основа, но настојува дека резултат од средбата во една или во друга форма треба да биде декларација во која се изразува загриженоста на Белата куќа од „вмешаноста на руски специјални служби во изборите во 2016 година“.

-Заедничката изјава треба да ја рефлектира реалноста инаку нема да биде сериозно прифатена, изјави Том Грем, раководител на „Кисинџер асошиејтед“ од Вашингтон и поранашен советник за Русија во администрацијата на Џорџ Буш.

Тој претполага дека во заедничката изјава треба да стои дека „двете земји признаваат постоење на меѓусебни сериозни разногласија“ и дека „се загрижени од можноста тие разногласија да прераснат во постојана конфронтација која би водела кон реален воен судир“.

Затоа, додава Грем, претседателите Трамп и Путин треба да бидат спремни да преземат чекори кон создавање на услови за минимизирање на сеоопфатен судир и би вложиле напори за создавање основа за соработка во сфери од заемен интерес.

Според изјави од руски официјални лица, Кремљ никогаш не би прифатил заедничка декларација во која се вели дека Русија се мешала во изборите во САД.

Набљудувачите велат дека најмногу што Путин може да прифати е тоа дека кибер нападите и кампањата со дезинформации ги воделе независни групи, но притоа Москва ќе настојува дека акциите на тие групи не влијале на резултатот од изборите.

Грем смета дека Трамп би бил задоволен од таквата позиција, но дека политичкиот естабилишмент во САД ќе ја прифати како шега.

Со оглед на тоа дека темата руска закана и интервенција во изборите во 2016 преовладува во медиумскиот простор на САД и засенува такви теми како Сирија, Украина, Иран и контрола над вооружувањето заедно, „нереално е да се очекува изјава од Кремљ која би го задоволила целиот американски политички спектар“, вели Грем.

Димитриј Тренин, директор на Центарот Карнеги од Москва смета дека прифатлива би била заедничка декларација во која се вели дека Русија и САД сметаат дека е недозволиво да се интервенира во изборните процеси во други земји.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top