Не бараме пари за новата ДНК-анализа, само одобрение за мир во душата

Претходно и Јавното обвинителство, преку соопштение до јавноста, истакна дека кога ќе пристигнат посмртните останки ќе има шанса за реобдукција..

Најголемата грижа за него и семејството е што сѐ уште не знаат кога ќе биде транспортирано телото за да го закопаат дома. 

- Од осигурителната компанија не ни кажаа кога точно ќе се случи транспортот. Ни рекоа дека се потребни околу 22 часа - вели Кире.

Тој им се заблагодари на надлежните за излегување во пресрет на нивното барање за повторна об­д­у­­кција. Веќе е извесно дека нова анализа врз телото на починатата Дениса Маркоска ќе има. Дали тоа ќе биде реобдукција или споредба на ДНК-анализа ќе одлучи семејството. Ова за „Нова Македонија“ го потврди директорот на Институтот за судска медицина, Алексеј Дума, кој во телефонскиот разговор ни изјави дека е решен правниот проблем.

- Во согласност со законските одредби добивме известување од министерот за здравство да постапиме по барањето на семејството. Што ќе одлучи фамилијата, тоа ќе направи институтот - изјави Дума.
Тој очекува дека кога ќе пристигне телото во лимениот ковчег да ги добијат и придружните материјали, според меѓународните стандарди за извршена обдукција.

- Не бараме пари од никого. Сами ќе си ги покриеме трошоците за анализата. Само сакаме да ни се смири душата, да знаеме со сигурност дали телото што ќе го погребаме е на Дениса - додава таткото Кире.

Претходно и Јавното обвинителство, преку соопштение до јавноста, истакна дека кога ќе пристигнат посмртните останки ќе има шанса за реобдукција.

- Јавното обвинителство не располага со сознанија за причината на смртта, но доколку е утврдено дека смртта настапила како последица на сторено кривично дело, тогаш постапката за евентуално гонење на сторител за извршено кривично дело ќе треба да се спроведува во Грција. Посмртните останки по пристигнување во Република Македонија ќе бидат предадени на семејството, по што сметаме дека не постои пречка по барање на семејството на починатата, надлежна институција да изврши ДНК-анализа или реобдукција - велат од јавното обвинителство.

Со обдукцијата во Грција е утврдено дека пронајденото тело е на 23- годишната Дениса, која од бродот на кој работела исчезна на 12 септември. Телото за кое се тврди дека е нејзино било пронајдено во водите околу Карпатос. Но сѐ уште е неизвесно како Дениса го загубила животот.

Нова Македонија


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top