Не стивнуваат реакциите по воведувањето на прогресивниот данок

Бизнисмените затечени, експертите изненадени од експресните и без дебата промовирани даночна и пензиска реформа..

Иако владата најави дека ќе ги консултира, сепак на само неколку недели пред донесувањето на Буџетот за следната година ги објави новините без консултации со засегнатите. Експерти велат дека владата ги ставила граѓаните и компаниите пред свршен чин. Бараат јавна дебата за даночната реформа во која ќе се видат ефектите и врз буџетот и врз граѓаните.

„Се со цел да биде тоа едно консултативно решение донесено и врз база на издржана дебата нас ни е потребно да имаме повеќе од една опција и повеќе од едно сценарио. Да имаме пресметка на сите ефекти и на оние позитивни кои што ќе бидат врз буџетот меѓутоа и на оние негативни ефекти кои што подразбираат каква ќе биде даночната евазија, како тоа ќе влијае на конкретни сектори“, рече Благица Петрески, Фајнанс тинк.

Иако експертите се децидни дека во пензискиот систем се неопходни реформи, сметаат дека со вака предложените измени ефектите се само на краток рок.

„Од друга страна интервенциите на вториот столб и интервенциите кај стапката за пресметка на пензиите ќе се почуствуваат тие ефекти дури по десет години, односно дури кога ќе одат тие лица во пензија. Откука сметам дека треба да имаме јасна стратегија, јасна пресметка  на ефектите кои што ќе се одразат на долг рок“, додава Петрески.

За даночната реформа реагираше и Левица. Од партијата велат дека не е проблем тоа што се воведува прогресивен данок туку зошто со промените не се опфатени фирмите.

„За Тевдовски не е важно кој е работник, а кој е газда – тој гледа само посиромашни и помалку сиромашни работници. Барем во неговите излагања. Но, неговите дела и тоа како ја адресираат оваа реалност и ги фаворизираат газдите. Додека тој не помислува да ги даночи повисоко добивките на корпорациите туку прва мета му се подобро ситуираните работници, тој го зголемува и онака високиот процеп помеѓу добивките на корпорациите и платите што ги исплаќаат“, реагираат од „Левица“.

Реагираше и ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека со воведување на прогресивен данок ќе се намалат платите и бројот на новоотворени работни места, ќе се стимулира даночната евазија и сивата економија. За пензиската реформа сметаат дека е козметичка и ќе ја дестимулира економијата.

Владата од следната година најави прогресивен данок од 18% на приходи над 90 илјади денари, данок на капитална добивка од 15% како дел од даночната реформа. Зголемување на придонесите за 0,5%, како и можноста на работиците со бенифициран стаж и оние родени до 1 јануари 1967 година да се вратат во државниот пензиски фонд и воведување на државна пензија како дел од пензиската реформа.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top