Не стивнуваат реакциите за забраната на книгата на Стојан Андов

Не стивнуваат реакциите во јавноста, откако Основниот суд Скопје – 2 ја забрани продажбата на книгата на Стојан Андов „До атентатот и по него“..

Мерката е изречена по тужбата на Љубомир Фрчкоски за клевета од авторот на книгата во врска со атентатот на поранешниот претседател Киро Глигоров.

Меѓу првите на фејсбук се огласи универзитетскиот професор Тони Дескоски, кој е и сопруг на министерката за правда, велејќи дека мерката е зачудувачка.

Реагираше и актерот Сашо Тасевски, кој и самиот денеска се пожали на цензура, откако без образложение му е откажан веќе распродаден настап во Домот за култура во Прилеп.

Ова е без преседан и за професорката Мирјана Најчевска.

Од Основниот суд Скопје – 2 ја велат дека се работи за времена мерка, со која се забранува понатамошна продажба на книгата додека не се утврди дали во неа има клевета.

Но, обвинителката Вилма Рускоска вчера оцени дека мерката е задоцнета и дека требало да се реагира пред објавувањето на книгата.

Во истата емисија, тужителот – поранешниот министер, Љубомир Фрчкоски, за Андов рече дека е одлепен и дека ја злоупотребува слободата на изразување за шокантни клевети, за што било неизбежно да го тужи.  Андов, пак, му врати со прашањето, „па, се тужи ли ‘одлепен’ човек?“.Тврди дека Фрчкоски си умислува  и дека не го претставил како атентатор, туку таков каков  што бил – неуспешен министер кој не спречил да се случи атентат врз претседателот Глигоров, не ја завршил истрагата,  никаде го немало цели 23 дена и за тоа треба да понесе одговорност.

Во независна Македонија досега немало забрани за книги, а во македонските книжарници се наоѓа и книгата на Хитлер, „Мојата борба„

Цензурата не е прифатена институција во демократските општества, а рекламните агенти велат дека, прогласувањето за непожелна книга има ист ефект како и платена реклама во најдобриот термин на најгледаната телевизија или на највидливиот билборд.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top