Нема договор за СЈО: ВМРО ДПМНЕ останува на барањето да запрат истрагите на СЈО

Пропадна и денешниот обид за договор за новиот Закон за јавно обвинителство и за статутот на СЈО..

Министерката за правда Рената Дескоска кажа дека опозицијата и денеска останала на ставот да запрат сите постапки на СЈО за кои е покрената истрага 18 месеци по формиарњето на Спеацијалното јавно обвинителство.

„ВМРО-ДПМНЕ остана на нивното барање сите постапки после првите 18 месеци да бидат запрени. Тоа значи сите докази коишто се обезбедени да пропаднат во вода, односно да не бидат веќе употребливи, сите мерки коишто се преземени да престанат, a тоа значи поконкретно, ако им е замрзнат имотот, тој да биде одмрзнат, ако се изречени мерки за претпазливост како одземени пасоши или јавување во суд – сето тоа да престане и евентуално, тие постапки потоа ќе бидат спорни ако ги отвора повторно обвинителството. Таквиот став е неприфатлив, бидејќи тоа во суштина е амнестија за сторени кривични дела“, кажа Дескоска.

Антонио Милошоски кој беше присутен како преговарач од ВМРО ДПМНЕ во Министерството за правда кажа дека тие бараат да има и одговорност за Катица Јанева која покренала постапки по истекот на 18 месеци рок од формирањето на СЈО.

„Ние мислиме дека сите обвинители треба да сносат одговорност затоа што презеле постапки спротивно на законите“, кажа Милошоски против кој СЈО води истрага „Моќник“.

ВМРО ДПМНЕ исто така побарале предлог законот за јавно обвинителство да биде испратен до Венецијанската комисија пред да се гласа во Собранието, а  Дескоска предложила Законот  да биде испратен до Венецијанската комисија откако ќе биде изгласан поради кратките рокови до затворање на  Извештајот на ЕК.

Законот за СЈО блокиран со барања за нови амнестии

Законот за јавно обвинителство треба да биде усвоен од Собранието кон крајот на месецов кога Европската Комисија го затвора Извештајот за напредокот на земјава. Поради инсистирањето на ВМРО ДПМНЕ за прекин на постапките, Дескоска кажа дека ќе се обидат да обезбедат двотретинско мнозинство со други партии.

„Видовте дека имавме средби и со другите пратеници. Првичната цел и укажувањето коешто го имаме е да се обидеме да направиме консензус заедно со опозицијата, така што ќе се обидуваме на тој пат, но доколку роковите станат критични, а немаме напредок во разговорите или останат на сопственото инсистирање, тогаш ќе размислуваме за алтернативни опции“ рече таа.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top