Нема потврда дека Груевски е уапсен во Будимпешта

По бегството на поранешниот премиер,македонското Министерство за правда побара негова екстрадиција, но одговорот на унгарските власти беше дека не се исполнети условите за тоа.

Македонското Министерство за првда нема потврда дека поранешниот премиер Никола Груевски, кој сега е азилант во Унгарија, бил уапсен во Будимпешта, како што објавила пред три дена ТВ Српски колектив – национална јутјуб телевизија, повикувајќи се на информација на претседателот на Републиканската партија на Србија Никола Сандуловиќ.

Во Министерството за правда подготвуваат демант на информацијата која утрово доби на гласност, по реакцијата на ФРОДЕМ, од каде поставија прашање дали е вистина дека Груевски е уапсен во Унгарија и ако е тоа точно зошто министерката Рената Тренеска Дескоска не побарала негова екстрадиција.

Во ноември минатата година, Груевски избега од правдата во Македонија, кога стана правосилна пресудата за него за случајот „Тенк“, со која тој е осуден на две години затвор за примање награда и противзаконито влијание во набавката на луксузниот мерцесдес. Министерството за правда тогаш побара од унгариските власти да го екстрадираат поранешниот премиер во земјава, по што следеше уште едно дополнување на барањето за екстрадиција. Одговорот на унгарските власт беше дека не се исполнети условите за екстрадиција на Груевски, кој претходно доби политички азил во Унгарија.

Во Кривичниот суд во Скопје се водат неколку постапки против Груевски за случаи што ги отвори СЈО. Минатиот месец, судот констатираше дека настанала апсолутна застареност за гонење на поранешниот премиер  во предметот „Траекторија“ за кинеските автопати. Сите судски трошоци поврзани за оваа постапка против Груевски ќе ги плати државата.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top