Нетанјаху до Путин и Тилерсон: Израел ќе се брани од нападите од Сирија

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека јасно му кажал на рускиот претседател Владимир Путин дека Израел ќе се брани против секој обид да се наруши суверенитетот на таа земја..

„Нашата политика е јасна: Израел ќе се брани од секоја агресија и секој обид да се наруши неговиот суверенитет“, рече Нетанјаху и додаде: „Иран денес проба да го направи тоа. Го повреди нашиот суверенитет и инфилтрираше свој дрон во израелскиот воздушен простор од Сирија“.

Нетанјаху рече дека разговарал и со американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, кој викендов е на турнеја на Блискиот Исток, објавија израелските медиуми.

„Израел ги смета Иран и неговиот домаќин Сирија одговорни за денешната агресија. Ние ќе продолжиме да правиме сè што е потребно за заштита на нашиот суверенитет и безбедност“, рече Нетанјаху во изјавата објавена на англиски јазик.

Тој, исто така, рече дека Израел се стреми кон мир, но дека ќе продолжи да се брани од секој напад или обид од страна на Иран да се зацврсти во Сирија „или на кое било друго место“.

Пентагон вчера соопшти дека САД целосно го поддржуваат правото на Израел да се брани од закани кон неговата територија и неговиот народ.

Русија претходно изрази загриженост во врска со најновите случувања во Сирија и ги повика страните да избегнат ескалација.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top