Никола Саздовски ја загуби битката со животот

Почина 20-годишниот Никола Саздовски-Саздо..

По неколкудневното лекување на КАРИЛ младото момче од навивачката група „Комити“ им подлегна на повредите. 
Саздовски по настанот бил примен на Ургентен со слаб пулс и немерлив притисок. Од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување  велат дека неколкупати се обиделе да го реанимираат, но сепак неуспешно.

„Откако е почната срцева белодробна мозочна реанимација е пренесено во КАРИЛ во многу тешка состојба со многу тешки повреди на мозокот и со многу тежок исход. На неколкупати е враќано во живот, но за жал подлегна на повредите“ - д-р Маја Мојсова, КАРИЛ

Никола бил крвнички претепан на булеварот во Автокоманда. Група од момчиња на негова возраст со мерцедес го пресретнале и со зададените тешки телесни повреди го довеле до бесвест.

Ова е автобуската постојка каде што бил претепан Никола. Нападнат бил од три лица. По тешките удари со шипки паднал на земја, по што си ја удрил главата од ивицата на тротоарот. Веднаш паднал во кома, по што итно бил пренесен во Клиника на лекување.

Двајца од напаѓачите по неколку часа од нападот се пронајдени и приведени од полицијата, а третиот е идентификуван, но се уште е во бегство. Од ресорното Министерство велат дека работат на негово пронаоѓање.

„На 29 јуни на автобуска постојка на бул. Александар Македонски три лица на возраст од 19, 20 и 21 година го нападнале Н.С. По што тој веднаш е пренесен во ургентниот центар. Веднаш се преземени мерки при што на првопријавениот и второпријавениот им се одредени мерки притвор. Сите докази се доставени се доставени до јавното обвинителство и тие се надлежни за овој случај“ - рече Тони Ангеловски – портпарол на МВР.

Претходно, МВР поднесе кривични пријави за трите лица за сторено дело насилство, но по смртта на момчето, од ОЈО се очекува преквалификација во потешко дело. 
Причината за крвавиот настан се уште не е позната, а на социјалните мрежи се шпекулира дека е поради меѓуетнички тензии.

Дел од медиумите наведуваат дека напаѓачите се припаднции на навивачката група „Шверцери“, кои се во постојан латентен судир со „Комитите“. Наводно на тепачката претходела расправија на социјалните мрежи.

Хелсиншкиот комитет за човекови права повикува на смиреност на граѓаните и членовите на навивачките групи, а упатија и апел до политичките партии да не ја злоупотребуваат смртта на Саздовски за политички поени.

„Ги повикуваме уште еднаш владејачките и опозиционерските политички партии да го препознаат овој случај како сериозен случај на злосторство од омраза, да го осудат, да ги повикаат граѓаните на смиреност и што е најважно, да не го искористуваат овој случај за дневно политички поени и за разгорување на нетрпеливост помеѓу двете етнички заедници“ - велат од Хелсиншки.

Ќе има ли правда за Саздо? Пријателите на Никола се збогуваат од него на социјалните мрежи и бараат одговор од надлежните институции. Велат дека е неопходна казна за сторителите за да се стави крај на физичките пресметки кои се почесто имаат фатални последици.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top