Нимиц: Требаше да го напишам Преспанскиот договор на кинески

Американскиот дипломат Метју Нимиц во разговор за Дојче веле открива што го мотивирало да истрае во долгогодишниот спор за името, кои политичари му оставиле впечаток и каде го јадел најдоброто јагнешко..

Метју Нимиц „потроши“ речиси 25 години од својот живот во медијација меѓу Македонија и Грција, најпрво за Времената спогодба, а потоа и за надминување на спорот за името. Со него деновиве разговаравме во Берлин, каде беше гостин на конференција посветена на посредување во конфликти во светот.

„Сите мислеа ова е лесно. Седни на маса. Најди име. Ама не беше така“, низ насмевка го започнува разговорот за ДВ.

И покрај тоа што спорот е формално затворен, а тој нема обврски кон ОН во тој дел, сепак и натаму внимава како ќе одговори на прашањата, кој термин ќе го користи, стравува да не открие нешто што би можело да наштети некому од која било страна. Затоа и ретко дава интервјува, објаснува, затоа што мора да внимава што ќе каже.

Признава дека до самото потпишување на договорот во Преспа на 17 јуни 2018 година, па ни потоа не бил сигурен дека целата работа ќе се истера до крај. А денот на потпишувањето не го памети само по 79 роденден кој го прослави на брегот на Преспанското езеро.

„Тоа беше многу потресен и многу важен ден. Мислам дека веројатно беше врвот на мојата кариера“.

Во изминативе 25 години, неретко, и семејството и пријателите го задевале за упорноста да истрае во изнаоѓање решение.

„Во семејството понекогаш мислеа дека сум луд што толку долго се занимавам со ова прашање. Но поддршката беше голема. Пријателите често ме задеваа: Уште ли се занимаваш со тоа?

Но тоа е важен дел од мојот живот“, вели Нимиц.

Се присетува дека во 1994 година, кога со првиот медијатор во спорот, Сајрус Венс започнале да работат на проблемот, прво се концентрирале на надминување на грчката блокада и постигнување на Времената спогодба.

„Откако беше постигната мислевме дека нема да трае уште долго пред да се реши и името. Не ни помислувавме дека ќе бидат потребни уште 20 и повеќе години за да се реши спорот".
Од тој период впечаток му оставил тогашниот македонски министер за надворешни работи Стево Црвенковски.

„Тој беше прекрасен човек. Беше математичар, филмски продуцент и постојано пушеше. Не можевте ни да влезете во неговата соба затоа што тој не се гледаше. Беше во облак од чад". 

Извор: Дојче Веле


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top