Нов статут на Војводина: Нови Сад повеќе не е главен град

Ова се само некои од новините во текстот на Статутот на автономната покраина Војводина.

Статутот на Војводина во иднина нема да има преамбула, бидејќи станува збор за подзаконски акт, а Нови Сад повеќе нема да биде главен град, туку седиште на покраинските органи, пишува денеска весникот „Политика“. 

Ова се само некои од новините во текстот на Статутот на автономната покраина Војводина, кој експертски тим го усогласи со препораките на Уставниот суд на Србија и му го предаде на Одборот за прашања од уставно-правната положба на Покраината. 

Наместо терминот „Влада на Војводина“, кој исто така Уставниот суд го отфрли, постојат неколку решенија, на пример да се врати стариот термин „Извршен совет на Војводина“ или пак воведување нови, како што се „Покраинска Влада“ и „Покраински совет на министри“.

Според „Политика“, најдоцна до почетокот на следниот месец за статутот треба да расправаат покраинските пратеници. Доколку тие го одобрат, а за тоа е потребно двотретинско мнозинство, следната проверка ќе биде во Парламентот во Белград, каде согласно одлуката на Уставниот суд статутот треба да биде потврден до 6 јуни. 


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top