НОВА: Како Зврлевски ги штити кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во МВР

Најголем дел од полициските службеници се вработени во Одделот за организиран криминал во МВР.

НОВА ТВ Околу 150 инспектори, раководители, началници од МВР во моментов се ангажирани на привремени работни задачи во Јавното обвинителство на чие чело и натаму е Марко Зврлевски, дознава НОВА ТВ. Тие иако се вработени во МВР се под директна ингеренција на Зврлевски. На овој начин, велат извори на НОВА ТВ во МВР, Јавниот обвинител врши блокада на Министерството, бидејќи министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, нема контрола врз овие вработени.

Оваа можност за ангажирање на полициски службеници на Зврлевски му ја дозволува Законот за кривична постапка. Во него пишува:

„По потреба, заради ефикасно спроведување на кривичната постапка, на јавниот обвинител по негова наредба ќе му бидат доделени на работа службеници кои исклучиво му се на располагање на јавниот обвинител, работат под негова контрола и надзор, ги почитуваат и извршуваат неговите наредби, работат согласно со неговите насоки и упатства и за својата работа му одговараат на јавниот обвинител. За времето додека службениците се доделени да работат кај јавниот обвинител не можат да бидат распоредени на друго работно место во државните органи од каде што доаѓаат или да бидат отстранети да работа од предметниот случај, без изречно одобрение на јавниот обвинител“, пишува во Законот за кривична постапка.

Тоа значи дека тие не смеат да бидат разрешени од страна на министерот Спасовски, ниту пак против нив може да се поведе дисциплинска постапка.

Најголем дел од полициските службеници се вработени во Одделот за организиран криминал во МВР, а во Јавното обвинителство се распоредени во скопското Обвинителство и во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Според Законот, Јавниот обвинител има право да ги одбере со име и презиме кои точно лица сака да ги преземе од МВР. Изворите на НОВА ТВ велат дека повеќето од ангажираните полициски службеници се кадар на ВМРО-ДПМНЕ и на овој начин се заштитени од евентуални распределби во МВР се додека на чело на Јавното обвинителство е Зврлевски. Тие само од време на време се појавувале во Обвинителството, односно секој ден доаѓале на работа во МВР, иако таму не работат ништо и немаат никаква обврска кон Министерството. Поголемиот дел од истражителите,  Зврлевски ги земал пред изборите во декември и таму ќе бидат  на неодредено време.

НОВА ТВ праша во Јавното обвинителство колку вработени од МВР во моментов се привремено ангажирани, но оттаму одбија да ја кажат точната бројка.

„Дали одредени лица биле или се ангажирани како истражители по наредба на надлежен јавен обвинител е податок кој не може да се споделува со јавноста со оглед на природата на задачите што тие лица треба да ги извршуваат. Имено, истражителите се ангажираат согласно членот 50 од Законот за кривична постапка, со цел да спроведуваат конкретни истражни дејствија, а нивното разоткривање може да нанесе штета на истрагата. Бројот на истражители ангажирани во еден момент зависи од обемот на работата што ја има обвинителството во истрагата за расветлување на одреден кривично правен настан. Притоа, напоменуваме дека едно лице може да биде ангажирано како истражител и со повеќе различни наредби. Ангажманот на истражителот завршува со извршување на наредбата издадена од надлежниот јавен обвинител“, одговорија за НОВА ТВ од Јавното обвинителство.

Истата законска можност за ангажирање на истражители од МВР како Зврлевски ја има и шефицата на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева. Но, таму точно се знае колку истражители во моментов се ангажирани во СЈО. Според последниот извештај, во СЈО работат 25 истражители од МВР и сите тие доаѓаат на работа во Специјалното јавно обвинителство.

А во меѓувреме и понатаму трае расправата и обидот на парламентарното мнозинство да го разреши Зврлевски по иницијатива на Владата и по даденото позитивно мислење за негово разрешување од страна на Советот на јавни обвинители.

Расправата ќе продолжи утре но истата оди тешко откако помина речиси еден месец откако решението за разрешување влезе во собраниска процедура, а ни половина од пратениците кои се јавиле за збор не го искористиле ова право.

ВМРО-ДПМНЕ обвинувајќи дека се крши процедурата и дека Зврлевски бил на тапет поради политички причини, вчера ја узурпираше собраниската говорница и не дозволи да продолжи расправата, по што интервенираше собранискиот спикер Талат Џафери.

НОВА ТВ


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top