Нова жестока дебата за расизмот во САД

Конгресменките што беа цел на расистички критики од американскиот претседател Доналд Трамп, ги отфрлија неговите забелешки, истакнувајќи дека станува збор за обид за оттргнување на вниманието од хаосот и проблемите во администрацијата..

Па, така, Александрија Оказио-Кортез, Илхан Омар, Ајана Присли и Рашида Тлаиб, сите од Демократската партија, го повикаа американскиот народ да не наседне на замката. Трамп претходно сугерираше дека четирите жени, кои се државјанки на САД и се познати како Тимот, „треба да се вратат дома“. Шефот на Белата куќа предизвика остри критики откако, исто така, порача дека тие потекнуваат од земји чии влади се комплетна катастрофа. Три од конгресменките се родени во САД, а Омар е родена во Сомалија, но како дете пристигнала во земјата.

– Ова едноставно е оттргнување на вниманието од големиот хаос и корупциската култура на оваа администрација. Ги отфрламе напорите на претседателот да нѐ маргинализира и да нѐ замолчи. Нашиот тим ги вклучува сите лица што се посветени на изградбата на поеднаков и поправеден свет – порача Присли.

Конгресменките инсистираат дека во фокусот треба да бидат здравството, оруженото насилство и, особено, притворањето мигранти на американската граница со Мексико.
– Очите на историјата нѐ гледаат – истакна Омар, отфрлајќи ги масовните рации за депортација и кршењето на човекови права на границата.

Според неа, отворениот расистички напад на Трамп против четирите жени е агенда на белите националисти и оти претседателот сака да ја подели земјата. Истовремено, Тлаиб порача дека тоа едноставно е продолжување на неговата расистичка и ксенофобна приказна.

– Остануваме фокусирани на тоа да бараме негова одговорност во согласност со законите на оваа земја – додаде Тлаиб, која е ќерка на палестински доселеници.
Од друга страна, и покрај реакциите на четирите конгресменки, Трамп продолжи со критиките до нив, порачувајќи им дека треба да ги напуштат САД ако постојано се жалат и се незадоволни.

– Ако не сте среќни тука, може да си заминете. Тоа е ваш и само ваш избор. Станува збор за љубовта кон Америка – истакна американскиот претседател на својот профил на Твитер.

Демократите остро го осудија претседателот и многу од нив порачаа дека станува збор за расистички напад. Спикерката на Конгресот од редовите на Демократската партија, Ненси Пелоси, најави резолуција за осуда на изјавите на Трамп. Пелоси ги повика републиканците да ја поддржат. Нејзиниот колега Чак Шумер изјави дека ќе претстави слична резолуција и во Сенатот.

– Ќе видиме колку републиканци ќе ја поддржат – истакна Шумер.

Од друга страна, како што јавува Би-би-си, републиканците беа мошне тивки во осудите на претседателот. Секретарот за финансии, Стивен Мнучин, истакна дека коментарите на Трамп не се расистички. Некои, меѓу кои и сенаторот Линдзи Греам, се фокусираа на политиката на четирите жени, кои се сметаат за прогресивни. Греам дури изјави дека тие се комунистки и против САД.

Понискорангираните републиканци, сепак, беа подиректни. Тим Скот, единствениот афроамерикански сенатор од редовите на републиканците, порача дека зборовите на Трамп се расно навредливи. Републиканскиот конгресмен Вил Хард, кој исто така има афроамериканско потекло, изјави дека коментарите на претседателот се расистички и ксенофобни.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top