Новата влада во Германија да формира Министерство за интеграција, предлагаат експерти

Експертите за миграции сметаат дека е дојдено време нешто да се промени во Германија и тие и’ предлагаат на новата влада формирање на посебно Министерство за интеграција, пишува Дојче Веле.

Тие предлагаат посебно Министерство за интеграција, со сектори одговорни за сите миграциски прашања поврзани со населението, економијата, општеството и културата. Сега за интеграциските курсеви е задолжена Сојузната служба за миграција и бегалци, за миграцијата поради работа е задолжено Министерството за труд, а за прашања поврзани со визите е Министерството за надворешни работи.

Идејата за едно единствено Министерство за интеграција не е нова. Во преговорите за коалиција во 2009-та година меѓу ЦДУ/ЦСУ и ФДП беше негативно одговорено на ваквата идеја. Здруженијата на доселениците се сомневаат дека пред се’ ФДП била против таа идеја. На септемвриските избори годинава партијата не освои доволно гласови, па таа нема да биде дел од новата влада. Танриверди во тоа гледа добри шанси за создавање на посебно Министерство за интеграција, бидејќи СПД и Зелените ја поддржуваат таа идеја.

Повеќе германски покраини веќе направија чекор напред во тој поглед. Баден Виртемберг има посебно Министерство за интеграција. Во Долна Саксонија, Северна Рајна Вестфалија, Хесен и Рајнланд Пфалц има министерства кои покриваат повеќе области и се грижат и за интеграцијата. Такво нешто би било замисливо на сојузно ниво.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top