Нови рочишта за „Титаник“ и „Трезор“ на СЈО

Во Кривичниот суд денеска треба да се одржат нови рочишта за случаите „Титаник“ и „Трезор“ на Специјалното јавно обвинителство..

Судењето за изборни нерегуларности „Титаник“ се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи со изведување материјални докази.

На минатото рочиште меѓу другото беа прикажани службени белешки, партиски известувања, изјави од лица, потврди за одземени предмети…

Во „Титаник“ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска-Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.

Ново рочиште е закажано и за случајот „Трезор“ за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).

Судијката Џенета Бектовиќ на минатото рочиште ја исклучи јавноста поради сослушување на сведок, вработен во УБК и опасност од оддавање на службена тајна.

Во „Трезор“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ и поранешениот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски.

Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top