Обвинителството ја продлабочува истрагата околу бегството на Груевски

Обвинителството за организиран криминал издало наредби до полицијата во кој правец да се движи истрагата за бегството на Никола Груевски. Повеќе детали не се соопштуваат..

Паралелно, истрага и во редовите на полицијата прави секторот за внатрешна контрола која треба да го даде одговорот дали Груевски имал помош од полицијаци за да избега и да не оди во затвор. И додека во земјава се бара одговорност и од МВР и од СЈО но и од судот, медиумите од соседството повторно пласираат сензационалистички информации околу поранешниот премиер.

Бугарските медиуми повикувајќи се на свои сознанија објавуваат дека Никола Груевски веќе не е во Будимпешта а како следна негова дестинација ги посочуваат Русија или Турција. Сепак овие информации се во сферата на шпекулација со оглед на тоа што Никола Груевски не е виден во јавност од 9 – ти ноември. Неговата партија денеска реагираше на изјавата на премеирот Зоран Заев, дека Груевски е можеби киднапиран.

„Зоран Заев вчера на два пати ја пласираше тезата дека Груевски бил киднапиран!!?? Со сета тежина на премиерската функција, Заев вчера на два пати ја обвини Република Унгарија дека киднапирала македонски граѓанин, поранешен премиер, почесен претседател на опозицијата, притоа, лице кое е дел од правен процес! Ваков срам Република Македонија не заслужува“, рече Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО – ДПМНЕ.

СДСМ реплицираше дека ќе одговараат сите оние кои му помогнале на Груевски да побегне.

СДСМ:

Отворената истрага ќе ги лоцира одговорните кои на каков било начин му помогнале на криминалецот Груевски во неговото бегство и сите мора да бидат изнесени пред лицето на правдата“.

Албанската и црногорската полција веќе и официјално потврдија дека Никола Груевски со дипломатско возило на Унгарија од Албанија стигнал во Црна Гора. Македонско – албанската граница најверојато ја поминал илегално бидејќи не е заведен во граничниот систем на западниот сосед. Од таму со дипломатско возило и лична карта влегол Црна Гора и се упатил кон Србија. Сепак останува мистерија како стигнал до престолнината на Унгарија, оти српската полиција се уште се нема огласено.

Денеска повторно се пласираа неофицијални информации дека Груевски со авион кој е во сопственост на пријател на Виктор Орбан од Белград летнал за Будимпешта. Никола Груевски на 13 ноември на фејсбук напиша дека е во Унгарија и дека бара политички азил. Побегна откако требаше сам не се пријави да замине на отслужување на затворската казна.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top