ОДМОРОТ ЗАВРШИ: Пратениците се враќаат во Собрание, народот на улица

По неколкудневна пауза поради велигденските празници денеска политичкиот живот во Македонија се враќа на стандардните активности..

Тоа значи дека Собранието ќе ја продолжи конститутивната седница, а пак граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ ќе продолжи со протестите.

Малку е веројатно да се очекува дека Собранието во скоро време ќе избере претседател бидејќи досега поминаа само неколкумина говорници. Пратениците најпрво треба да ја изберат Комисијата за избори и именувања како матична за избор на претседател, додека пак СДСМ сака тоа да се прескокне и веднаш да се расправа за нивниот предлог за спикер.

Претседател на Собранието е неопходен за да се распишат локалните избори, додека за избор на влада работите се јасни. За точката за избор на влада да биде ставена на дневен ред, потребно е собранискиот спикер да добие известување од претседателот на државата дека е определен мандатар.

Со последното интервју на Ѓорге Иванов станува уште појасно дека Зоран Заев нема да го добие мандатот да формира влада сè додека не се откаже од платформата од Тирана која задира во унитарноста на Македонија. Шефот на државата нагласи дека Заев не е свесен во што се впуштил и дека бил заслепен од желбата да дојде на власт.

Според Иванов, доколку Заев не успее да дојде на власт, би можел да заврши во затвор. Ниту посетата на високите претставници од ЕУ, Федерика Могерини, Доналд Туск и Јоханес Хан, не го натера Иванов да ја промени одлуката, а со тоа и да го прекрши Уставот.

Шефот на државата добива сè поголема поддршка од народот кој секојдневно е на улиците и кој бара да бидат распишани нови избори на кои тиранската платформа ќе биде изнесена пред граѓаните. Покрај тоа, се бара и да се спроведе попис од кој бегаат и албанските партии, но и Европската Унија.

Од иницијативата „За заедничка Македонија“ бараат од политичарите да ги отфрлат платформите пишувани во туѓи држави и да не се усвојува владина програма која не била изгласана од граѓаните на изборите на 11 декември.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top