Огромен ризик на Јувентус: Андреа Пирло нов тренер на „Старата дама“!

Се споменуваше Маурисио Покетино, голема желба е и Зинедин Зидан, некои информации укажуваа и на враќање на Масимилијано Алегри, поединци јавуваат и дека се нудел и Антонио Конте, но нов тренер на Јувентус ќе биде Андреа Пирло..

Прославениот италијански репрезентативец ги договори сите услови од соработката со претседателот Андреа Ањели и само се чека официјално да биде назначен за тренер по заминувањето на Маурисио Сари.

Пирло нема тренерско искуство, никогаш никаде не работел до пред некој ден кога челниците на „Старата дама“ гламурозно го претставија како тренер на младиот тим (до 23 години) и многумина присуството на Ањели и спортскиот директор Фабио Паратичи го протолкуваа како сигнал дека поранешниот играч за врска сигурно влегува во новата сезона како стратег на торинскиот великан. Големо име е Андреа Пирло, ќе и послужи на управата да се „покрие“ по разочарувачката елиминација од Лигата на шампионите, но уште поголем ризик е да се постави човек на клупата кој практично никогаш никого не водел.

Сите италијански медиуми пренесуваат дека Пирло прифатил да биде шеф на стручниот штаб на првиот тим и дека во текот на оваа вечер во друштво на Ањели и останатите раководители на деветкратниот последователен првак на Италија за да ги прецизираат деталите, но начелно ја прифатил понудата.

Желбата на Јувентус е од Андреа Пирло да го направи она што го направи Реал со Зидан и Барселона со Гвардиола. Со таа разлика што Французинот му беше асистент на Карло Анчелоти, подоцна го водеше и тимот на Кастиља, а Гвардиола ја водеше Барселона Б, додека 41-годишниот Пирло по завршувањето на играчката кариера не работеше никаде, ниту до пред неколку дена се споменуваше дека тренерската работа го интересира.

Како причина зошто Јуве не ангажира искусен тренер медиумите на Апенините наведуваат дека желбите како Симоне Инзаги и Зинедин Зидан се надвор од домет затоа што се врзани со договори за Лацио и Реал. Од друга страна Покетино и Алегри иако се слободни, ќе бараат плата околу 10.000.000 евра, а „Бјанконерите“ во моментов не сакаат да дадат толку пари за тренер.

Оттаму Пирло. Предност е што го познава клубот, знае како Јувентус дише, поседува победнички менталитет и визија за игра. Мана му е што има недостаток на искуство.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top