ОН загрижени дека Асанж во САД не би имал праведно судење

Известувачот на Обединетите нации за мачење изрази стравување дека основачот на Викиликс Џулијан Асанж нема да има праведно судење во Соединетите Држави кои побараа негова екстрадиција поради информатичко хакирање..

Нилс Мелцер, кој е и професор по меѓународното право, оцени дека Еквадор не ги почитувал „процедуралните права“ на Асанж кога му го укинал азилот кој го уживаше седум години во еквадорската амбасада во Лондон.

„Ние, заедницата на бранители на човековите права, многу сме загрижени за основните права на господинот Асанж“, кажа Мелцер.

„Многу сме загрижени бидејќи се плашиме дека тие права нема да бидат почитувани кога ќе биде екстрадиран во Соединетите Држави. Најмногу ме загрижува можноста дека би можел да биде екстрадиран во САД каде станува збор за многу политизиран случај“, додаде тој.

Ако биде екстрадиран во САД, врз Асанж „ќе биде применет законот за притвор кој важи во САД“, а некои делови од таа пракса „се многу проблематични“, предупреди експертот.

Во случајот на Асанж „обвинувањата се однесуваат на националната безбедност на САД. А во последните десетина години САД, за жал, не се покажаа како безбедна држава кога станува збор за почитувањето на забраната за мачење“ во сферата на националната безбедност, истакна.

Асанж беше уапсен во четвртокот наутро и изведен пред Вестминстерскиот суд кој го прогласи за виновен за кршење на условите на привременото пуштање на слобода, казниво со една година затвор. Тој беше лишен од слобода и одведен во строго чуван затвор на југоистокот на Лондон каде се сместуваат затвореници кои привлекуваат големо медиумско внимание.

Британската полиција јави дека Асанж е лишен од слобода во согласност со барањето за екстрадиција во САД, и поради кршењето на условите за кауција во Британија.

Укинувањето на еквадорското државјанство, прогонот од амбасадата и подоцнежното апсење кое го спроведе британската полиција „покажаа дека правните прописи не биле почитувани“, кажа Мелцер.

„Тоа се одлуки кои некоја држава теоретски може да ги донесе. Меѓутоа, во правна држава, такви мерки можат да се донесат во рамки на процедура во која е можен институтот жалба, а ние тука јасно констатираме дека сѐ е спроведено по скратена постапка. Сето тоа не влева доверба дека правата (на Асанж) ќе бидат почитувани во текот на одната судска постапка“, кажа тој.

На специјалните известувачи на ОН мандатот им го дава Советот за човекови права на Обединетите нации, но тие не зборуваат во име на ОН иако добиваат логистичка помош од светската организација.

Високата комесарка на ОН за човекови права Мишел Башеле не го осуди апсењето на австралискиот новинар и активист, но нејзината портпаролка Равина Шамадасани кажа дека Башеле очекува „од сите надлежни власти да бдеат над процесот за Асанж да има фер судење“.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top