Опозицијата бара оставки, власта нуди само реконструкција

Опозицијата вчера бараше оставки од премиерот Зоран Заев, вицепремиерите Радмила Шекеринска и Бујар Османи, како и од шефот на дипломатијата Никола Димитров, како реакција на заклучокот на европските министри со кој одлуката за почеток на преговорите..

Иако во заклучокот од министерскиот совет во Луксембург силно се поздравува Преспанскиот договор и се истакнува прогресот во исполнувањето на условите, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, оцени дека ударната „четворка“ во Владата во делот на интеграциите не може да придонесе за земјата да исчекори во следната фаза од процесот за зачленување во ЕУ.

– Сакаме да помогнеме да биде добро за Македонија. Но, да бидам искрен, не верувам дека Заев, Шекеринска, Османи, Димитров и останатите тоа знаат и можат да го направат. Немаат ни волја ни знаење и затоа во овој момент оставките се најмалку што можат да направат – рече Николоски, чија влада не испорача ништо претходно во однос на ЕУ, ама тој не се сеќава. Тој притоа не спомена ни дека единствениот услов за датумот, што го испорача Холандија, е да се реши статусот на СЈО, кој го кочи токму ВМРО-ДПМНЕ и за што дипломати вчера брифираа дека добиле јасна порака од Хаг.

Место тоа, тој ја актуелизираше понудата на партискиот лидер Христијан Мицкоски за формирање работни групи меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Владата кои ќе работат на реформите кои што ги бара ЕУ, а токму таквата работна група меѓу власта и опозицијата, формирана за усогласување на законот за јавното обвинителство, со месеци е заглавена. Тоа е точката на која заглавија реформите во можеби најбитната сфера – правосудството.

Прашањето за статусот на СЈО, очигледно, ќе биде актуелно и во наредниот период додека и натаму ќе се чека на датумот за почнување на преговорите. Според проценките, евентуалното недонесување на законот за јавното обвинителство во текот на летото може да се наметне како главен проблем кога земјите членки на ЕУ ќе му се навратат на прашањето за определување датум.

– Имаме безусловна препорака, блескав извештај, целосно завршување на таргетот за реформите, реализирани се Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија… Нашите очекувања се до декември да се отворат поглавјата и да почнат преговорите со ЕУ. Подобра гаранција за нас ќе беше ако добиевме датум во јуни. Но ваквиот заклучок гарантира дека тоа ќе се случи во октомври и верувам дека тоа е порака за сите нас сериозно да работиме и да продолжиме со реформите за унапредување на севкупните перформанси на нашата земја – изјави вчера премиерот Зоран Заев.

Според него, донесувањето на законот за Јавно обвинителство не се става како услов од ЕУ, но оттаму ни порачуваат дека е добро за државата да го донесеме.

– Апелирам да се донесе законот. Верувам дека ќе се направи обид во текот на летото парламентот да донесе позитивна одлука. Стојам на располагање да ги продолжам процесите на разговори – рече Заев.

Тој оцени дека оваа година може да биде историска за земјава, ако сите земји членки на НАТО стигнат до декември со ратификацијата на пристапниот Протокол. Така, како што посочи, до крајот на годината ќе се исполнат двете стратегиски цели – полноправно членство во НАТО и добивање датум за преговори со ЕУ, по цели 15 години во чекалницата.

Иако не се исполнија очекувањата за добивање датум во јуни, оптимизмот на премиерот дека тоа ќе се случи неколку месеци подоцна го мотивира да се наврати на реконструкцијата на извршната власт и да ги отфрли опциите за враќање на мандатот или за распишување предвремени избори. Заев потврди вчера дека до утре планира да ги достави во парламентот предлозите за разрешување и за избор на нови министри, затоа што, како што рече, Собранието планира нова седница во почетокот на следната седмица. Ако новите министри бидат избрани в понеделник или вторник, како што рече Заев, веднаш потоа ќе следат промени во третиот ешалон.

– Верувам дека до крајот на месецот СДСМ ќе ги донесе одлуките за избор на потпретседателите на партијата и на претседатели на општински организации кои останаа неизбрани – рече Заев.

За следните парламентарни избори, што очекува да бидат во редовен термин, Заев рече дека за СДСМ е прифатливо да се направат измени на Изборниот законик и земјава да биде една изборна единица или, пак, да има повеќе изборни единици со отворени листи.

По долга пауза од 14 месеци, денеска ќе заседава Националниот совет за евроинтеграции, со кој претседава опозиционерот Никола Попоски, поранешен шеф на дипломатијата. Последната седница на овој Совет, кој функционира во рамки на парламентот, а во кој има претставници и од други институции што се вклучени во интеграцискиот процес, се одржа во април минатата година, кога се расправаше за претходниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава. За разлика од тогаш, денешната седница не е за најновиот извештај на ЕК, туку е на тема : „Видувањата од Париз и од Берлин околу долгорочната визија за европска интеграција“.

Во изминатата година, Попоски речиси воопшто не беше присутен во јавноста ниту, пак, се појавуваше во парламентот, иако во инцидентни случаи излезе со ставови во врска со Преспанскиот договор кои беа далеку поумерени од ставовите на неговите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ. Тој не одговараше вчера на телефонските повици за да каже дали во наредниот период, додека се чека одложената одлука за датум за преговори ќе го интензивира темпото на работа на Националниот совет за евроинтеграции, во чиј состав, покрај пратеници, има и претставници на Владата, претседателскиот кабинет, МАНУ, ЗНМ, стопанските комори, верските заедници, синдикатите и НВО. Во изминатите две години, откако профункционира овој собраниски состав, Националниот совет има одржано само три седници, а денешната ќе биде четврта.

Ивана Туфегџиќ од пратеничката група на СДСМ, која е потпретседателка на Советот, смета дека во наредниот период, по одложената одлука за датум за преговори, реформскиот процес треба да продолжи со исто темпо и засилено во одредени сегменти, посебно во насока на донесување на законот за јавното обвинителство, односно во делот на правосудството и институционалните реформи.

– Очекувам да се дојде до епилог во однос на законот за јавно обвинителство, затоа што таа регулатива не го третира само прашањето за СЈО, туку и целата јавнообвинителска сфера. Реформите мора да продолжат не само затоа што тоа го бара ЕУ, туку и затоа што тоа го очекуваат граѓаните – вели Туфегџиќ.

Таа нагласува дека во парламентот има дијалог и дека значаен дел од реформските закони се донесени досега со консензус, особено тие на полето на безбедноста. Таков консензус очекува да биде постигнат во наредниот период и за законот за јавното обвинителство.

Во насока на заживување на политичкиот дијалог меѓу парламентарните партии, викендов во Скопје, треба да се одржи и нова сесија од процесот „Жан Моне“, што го иницираше Европскиот парламент. И овој пат, на маса треба да се најде собранискиот Деловник.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top