Опозицијата обвинува за притисок за двотретинско мнозинство, владата негира

Отворањето на шест нови случаи на Специјалното јавно обвинителство, во момент кога во Собранието се расправа за уставните измени, за опозицијата е притисок врз пратениците да обезбедат двотретинско мнозинство..

Обвинуваат дека владата се обидува да ги исплаши преку нарачан политички прогон и злоупотреба на институциите.

Премиерот, пак,  негира дека има поврзаност на новите случаи на СЈО со работата во Собранието, велејќи дека тоа се два различни процеси. Тврди дека уставните измени уште во понеделник ќе ја добијат потребната двотретинска поддршка од опозициските пратеници, иако тоа засега никој не го кажува јавно.

Денеска се огласи и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова која, откако гласаше на референдумот, се спомнуваше како една од потенцијалните пратеници кои би гласале за уставни измени. Во интервју за Призма ги негира шпекулациите, велејќи дека нема да гласа за измените, но и обвинува за  притисок, омаловажувања, понижувања и закани по животот преку социјалните мрежи, откако гласаше на референдумот. Разочарана е од отсуството на реакција и заштита од партијата, велејќи дека, не сака да помисли дека заканите се оркестрирани од некаков центар на интерес.

Против уставните измени вчера се изјаснија и седуммината членови во Уставната комисија од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Комисијата утре ја продолжува расправата, а се очекува веќе во понеделник, да се гласа за потребата од измена на Уставот, за што е потребно двотретинско мнозинство.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top