Османи: Нон-пејперот од Франција треба да се анализира детално

Вицепремирот Бујар Османи смета дека забелешките на францускиот претседател Макрон во областа на судските реформи не важат за земјава, а она што било досега сработено, вели тој, не може да се негира..

„Тоа не може да се негира затоа што тоа е европското законодавство, тоа се завршени работи и мора да продолжиме натаму. Тоа што е важно е владеењето на правото, правната држава или поглавјата 23-24. Тие сега ќе бидат постојани во новите полиња, од преговорите до полноправното членство, но со тоа што да се гарантира одржливост и по пристапувањето во ЕУ. Тоа е затоа што некои земји по пристапувањето некако се релаксираат“, смета Османи.

Османи вели дека е особено важно со одобрувањето на новата методологија за проширувањето, да се определи датум за почеток на преговорите.

„Важно е Европскиот Совет при одобрувањето на оваа методологија да го одобри започнувањето на преговорите. Тоа е многу важно да се надоврзе. Доколку постои дисконекција меѓу методологијата и почетокот на преговорите, тоа нè носи кон нејасен пат. Фактот што се потврдува полноправното членство како единствен пат, фактот дека процесот е започнат и оти се достапни структурни фондови, тоа е нешто ново и позитивно за земјата“, додава Османи.

Евентуалната промена на владата после предвремените парламентарни избори следната година, според Османи, не смее да влијае и да доведе до отстапување од овој пат или да го забави темпото на реформите.

„Ние имаме консензус 80% изнесува одобрувањето од граѓаните за членство во ЕУ. Тоа значи дека сите партии треба да ги спроведувата стратешките цели на својот електорат и на своите граѓани. Воопшто и не посмислуваме дека промената на Владата би го променила нашето патување или би го забавило спроведувањето на реформите“, рече Османи.

Вториот човек во Владата не прецизира кои точки од новопредложената методологија би можеле да имаат негативно влијание врз евроинтегративниот процес, но додава дека има многу нејаснотии во овој документ, па Владата побарала да биде вклучена во неговата подготовка. Иако Османи смета дека европските институции имаат малку време да ја спроведат оваа методологија, се надева дека тоа ќе се постигне во роковите што се одредени во нон-пејперот.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top