Оставката на Коѕијас, владина криза или маневар на Ципрас

Грчкиот премиер Алексис Ципрас го одбра коалицискиот партнер, министерот за одбрана Панос Каменос наместо шефот на дипломатијата Никос Коѕијас за да ја спаси владата..

 Ова се дел од коментарите во грчките медиуми по оставката на Коѕијас. Некои опозициски партии пак оценуваат дека ова е само почеток на крајот на владата на Ципарас.

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, поднесе оставка по извештаите за поделеноста на владата во врска со договорот со Македонија за ставање крај на деценискиот спор околу името.

Премиерот Алексис Ципрас, објавувајќи дека лично ќе го преземе неговиот ресор изјави дека ќе стори сé што е потребно за да обезбеди успех на договорот со Скопје.

„Сакам да ги охрабрам да продолжат и тоа ќе биде одлучувачки чекор за завршување на историскиот договор за мир и стабилност на Балканот. И јас сакам да ги осигурам дека Грција и мојата влада ќе го направат она што е потребно и она што е дефинирано со меѓународните обврски“.

Ципрас додаде дека нема да толерира лична агенда во остварувањето на националните интереси на земјата.

Според извештаите во медиумите, на состанокот на кабинетот во вторникот дошло до кавга меѓу Коѕијас и Каменос кој се противи на Договорот од Преспа, но кој со својата мала партија Независни Грци ја држи во живот коалициската влада на Ципрас.

Каменос деновиве престојуваше во Вашингтон каде што изнесе алтернатива на договорот со Македонија, односно потпишување безбедносни договори во регионот.

Коѕијас тоа го оцени како мешање во неговиот ресор.

Киријакос Мицотакис претседателот на опозициската конзервативна Нова демократија оцени дека грчкиот премиер одбрал да го отстрани најсилниот поддржувач на Договорот од Преспа, а да го задржи оној што се противи.

Според него, Ципрас „не е само слаб, туку е и уценет премиер“.

Мицотакис порача дека на земјата и е потребна „стабилна и одлучна влада која ќе говори во еден глас и внатре и надвор“.

Нова демократија, според анкетите, ужива широка предност пред партијата на Ципрас.

Во минатиот месец Ципрас изјави дека коалицијата предводена од неговата левичарска партија Сириза ќе го исцрпи својот мандат што завршува кон крајот на 2019 година и оти не очекува земјата да биде притисната од предвремени избори поради несогласувања околудоговорот за името со Македонија.

Тогаш Ципарс во врска со овие нсогласувања рече:

„Ја ценам и почитувам позицијата на Панос Каменос, но бидејќи многу добро го познавам и сите овие години имаме искрена соработка, можам да ве уверам дека Панос Каменос нема да го ризикува патот на економското закрепнување на Грција, како и нејзината политичка стабилност“.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top