Откритие што ги збуни научниците: Месечината `рѓосува иако нема кислород

Месечината ‘рѓосува..

Откритието е подеднакво збунувачко за научниците како што е за обичниот читател, со оглед дека на Месечината нема ниту еден од двата предуслова за да се создаде ‘рѓа – кислород и вода. Но, доказите се тука и го покажуваат баш тоа.

Ги донесе индиската лунарна сонда Chandrayaan-1 која орбитираше околу Месечината во 2008 година и собра податоци кои доведоа до низа откритија низ годините, вклучително и тоа дека има молекули на вода на нејзината површина. Сондата, исто така, носеше и инструмент на НАСА кој го анализираше минералниот состав на Месечината.

Кога истражувачите на НАСА и научниците од Институтот за геофизика и планетологија во Хаваи неодамна ги анализирале податоците, биле изненадени да откријат траги од хематит – форма на железен оксид познат како ‘рѓа. На Месечината има доста камења богати со железо, но ‘рѓата се создава само кога железото е изложено на кислород и вода.

„На почеток не ми се веруваше. Со оглед на условите на Месечината, ‘рѓа не би требало да постои“, вели Абигејл Фриман од Jet Propulsion Laboratory на НАСА.

Не само што нема воздух на Месечината, туку таа е преплавена со водород кој „тече“ од Сонцето, носен од соларниот ветар. ‘Рѓата се создава кога кислородот отстранува електрони од железото, но водородот го прави сосема спротивното – додава електрони, што значи дека уште повеќе го отежнува создавањето на ‘рѓата, што би требало да биде случај и на Месечината.

„Многу енигматично е“, вели Шуаи Ли од Универзитетот во Хаваи, кој е главен автор на студијата објавена во средата во Science Advances. „Месечината е ужасна околина за да би се формирал хематит“, додава тој.

ТЕОРИЈАТА

Сепак, после неколкумесечни истражувања, Ли и научниците од НАСА мислат дека имаат одговор – нашата планета, Земјата.

Еден од најголемите хинтови е тоа што ‘рѓата била повеќе концентрирана на страната на Месечината што гледа кон Земјата. Тоа на научниците им сугерирало дека појавата е вака или онака поврзана со нашата планета.

Земјата е обвиена во магнетно поле, а соларниот ветер го растегнува овој „меур“ создавајќи долга магнетна опашка на Земјата долж правецот на „ветерот“. Месечината влегува во ова продолжение на магнетното поле три дена пред да стигне до фазата што ја нарекуваме полна Месечина, и потребни ѝ се шест дена да помине низ опашката и да излезе на другата страна.

За време на овие шест дена, магнетната опашка на Земјата ја покрива површината на Месечината со електрони, предизвикувајќи разни чудни појави. Според теоријата на научниците, една од нив е тоа што честиците на површината на Месечината можат да почнат да „полетаат“ од површината и да се вмешаат во песочна бура. Според Ли, можно е кислород од Земјата да патува по оваа магнетна опашка и да слета на Месечината, каде што реагира со молекулите на вода и создава ‘рѓа.

Магнетната опашка исто така речиси целосно го блокира соларниот ветер за време на полната Месечина, што значи дека Месечината е привремено заштитена од приливот на водорот, што создава потенцијална временска рамка во која може да се формира ‘рѓа.

„Нашата хипотеза е дека лунарниот хематит се формира преку оксидација на лунарното површинско железо од кислородот од горната атмосфера на Земјата кој е во континуитет ‘оддувуван’ кон лунарната површина од соларниот ветер кога Месечината се наоѓа во магнетната опашка на Земјата, низ изминативе неколку милијарди години“, објаснува Ли. (Месечината е стара 4.53 милијарда години). „Ова откритие ќе го реформира нашето знаење за поларните региони на Месечината. Земјата можеби имала важна улога во еволуцијата на лунарната површина“, додава тој.

Оваа теорија, исто така, може да објасни и зошто ‘рѓа е најдена и на други небесни тела без воздух, како астероиди.

„Можно е мали количини на вода и импактот на честици од прав да овозможуваат железото во овие тела да ‘рѓосува“, додава Фриман.

МИСТЕРИЈАТА

Сепак, некои прашања остануваат неодговорени. На пример, иако најголемиот дел од ‘рѓата била најдена на блиската страна на Месечината, помали траги се најдени и на далечната (тн. „темна“) страна на Месечината, каде кислородот од Земјата не би требало да може да досегне.

Засега останува нејасно и како точно водата на Месечината реагира со камењата.

НАСА се надева дека дел од овие прашања ќе одговори преку собирање на повеќе податоци. Оттаму, во моментов гради нова верзија на инструментот за анализа на минералниот состав на Месечината кој доведе до ова откритие. Една од неговите способности ќе биде мапирање на водениот мраз во месечевите кратери, а научниците од НАСА се надеваат дека тоа ќе им овозможи да откријат и нови детали околу хематитот на Месечината, исто така.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top