Отворањето на американската амбасада го подели Ерусалим

САД денеска официјално ја отвораат својата амбасада во Ерусалим. Потегот предизвика силна осуда од страна на меѓународната заедница во време кога тензиите меѓу Иран и Израел се засилуваат..

Минатиот декември американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека ќе ја пресели амбасадата од Тел Авив во Ерусалим со што исполни едно од предизборните ветувања. Одлуката се коси со долгогодишната американска надворешна политика и беше предмет на критики. Меѓународно и натаму владее консензус дека статусот на Ерусалим треба да биде предмет на финалните преговори меѓу Израел и Палестина за статусните прашања.

„Мислам дека е во ред САД да ја префрлат амбасадата тука, бидејќи ова сепак е главниот град. Да прашате кое било дете кој е наш главен град, ќе ви каже дека е Ерусалим“,  вели Уриел Беренштајн при утринска прошетка со кучето на западот на Ерусалим.

„Ако некогаш се создаде палестинска држава и ако сакаат дел од Ерусалим, ќе најдат некое решение, но засега Ерусалим е главен град на Израел“, додава тој.

25-годишниот Израелец е загрижен дека контроверзната одлука ќе предизвика нови тензии меѓу Палестинците и Израелците. „Секако ќе предизвика тензии, но ние може само да се надеваме дека лидерите на обете страни ќе знаат како да ги смират луѓето.“

Други пак се помалку загрижени за можни реакции. „Мислам дека нема дилема оти американската амбасада треба да биде во Ерусалим, мислам дека сите амбасади треба да се тука, бидејќи Ерусалим е главниот град на Израел“, вели Рена Баба.

Повеќе на Дојче Веле


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top