Отворена седница за разрешување на Јанева ќе и наштети на истрагата?

Правните експерти велат дека собраниската Комисија за избори и именувања за разрешување на специјалната обвинителка Катица Јанева треба да биде затворена за јавноста, оти во спротивно истрагата би се компромитирала.

Доколку седницата на собраниската Комисија за избори и именувања за разрешување на специјалната обвинителка Катица Јанева е отворена, тоа може негативно да влијае на тековната истрага за предметот „Рекет“, или целосно да ја компромитира, оценуваат правните експерти откако вчера претседателот на комисијата Илија Димовски побара од Советот на јавни обвинители материјалот да не го класифицира како доверлив и седницата да биде отворена за јавноста.

Истрагата за случајот „Рекет“ е сѐ уште во тек, се сослушуваат сведоци и доколку тие документи се разгледуваат јавно, може да се компромитира целата истрага, смета поранешниот јавен обвинител Константин Кизов.

„Материјалот не треба да се декласифицира бидејќи може да ја компромитира истрагата. Знаете за каков предмет се работи, мора да се заврши до крај, да се утврдат фактите дали е сторено или не кривичното дело. Меѓутоа ако се откријат некои работи, а јавноста учествува на таа седница, верувајте дека таа истрага ќе биде компромитирана. Ако така одлучил Советот на обвинители, а таму се разгледуваат материјали од истрагата, се знае кој, што, како рекол, што изјавил, и притоа тоа протече во јавноста, бидете сигурни дека од таа истрага нема ништо да биде“, изјави Константин Кизов.

Со овој став се согласува и поранешниот пратеник Насер Зибери. Според него барањето седницата да биде од јавен карактер, има за цел да се одолговлечи постапката, односно да не успее Собранието навреме да ги преземе сите чекори, односно да утврди предлог за разрешување на специјалниот јавен обвинител, а со тоа да се отвори постапка за назначување на нов јавен обвинител со што би можело постапките пред судовите да продолжат и да се завршат.

„Идејата е да се пролонгира намерно постапката и на некој начин да се блокираат процесите во судовите. Мислам дека тоа им одговара на опозицијата, оти на 15 септември истекува рокот на важноста на законот, а со тоа и неможноста да се продолжат постапките, односно да се стави надвор од функција целото Специјално јавно обвинителство“, вели Насер Зибери.

И новиот претседател на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски предупреди дека отворена седница за разрешување на специјалната обвинителка Катица Јанева може негативно да влијае на случајот „Рекет“, затоа што се работи за истрага која е сѐ уште во тек од страна на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и дека материјалот е доверлив.

Илија Димовски вчера изјави дека најпрво ќе побара од Советот на јавни обвинители материјалот да не го класифицира како доверлив, за да може седницата да биде јавна. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ пак кога на власт беше нивната опција жестоко се бореа за седницата на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето поврзан со таканаречените опозициски бомби, да биде затворена за јавноста. По силни противења од тогашната опозиција СДСМ, сепак успеаја и Никола Груевски од позиција на премиер во 2015 година сведочеше тајно на седницата на собраниската комисија.

Во меѓувреме пак, тече предистражната постапка за „Рекет“. Денеска на распит пред обвинителката Вилма Рускоска е пратеничката Фросина Ременски за да даде исказ во врска со случајот. Таа е почесна претседателка на Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13, кој е осомничен во „Рекет“.

Инаку собраниската Комисија за избори и именувања е закажана за утре. Откако Комисијата ќе одлучи за предлогот за разрешување на Јанева, таа одлука оди на гласање на пленарна седница, а за одлуката да биде прифатена потребно е двотретинско и Бандентерово мнозинство. Конечната одлука на пратениците потоа се испраќа до Советот за јавни обвинители.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top