Отворил врата од лифт, влегол и паднал во дупката. Лифтот не бил таму!

Муедин Муртезани го загуби животот паѓајќи во отворот каде се движи кабината на лифтот во зградата каде што работел..

Трагедијата се случила околу 8:20 часот, пред да започне работата на фасадата на зградата. Според сведоците, сега загинатиот се обидел да се симне со лифт од седмиот кат, но вратата не се отворала, па се спуштил по скалите до шестиот кат. Таму вратата се отворила и зачекорил внатре без да види дека лифтот го нема. Паднал во отворот и починал. Лифтот всушност бил заглавен на седмиот кат, иако вратата се отворила на шестиот.

Жителите велат дека веќе подолго време имаат проблем со лифтот.

„Не постои можност. Сè мора да биде синхронизирано, автоматизирано. Не можете да ја отворите вратата, а лифтот да не е тука и вие паѓате. Ова е неодговорност на оние што го одржуваат. Јас сум во оваа населба околу 20 години. (Дали имате проблеми со лифтовите?) Како не, лифтовите се катастрофа. Како ќе постигнеме договор со жителите, некој плаќа, некој не, велат – јас сум на приземје, не ми треба лифт, нека плаќаат тие погоре.“

„Еден корумпиран човек гради нешто горе. Ништо тука не работи, ниту советот ништо не функционира. Секој прави што сака!“

Од здружението за лифтови велат дека вратата на лифтот никогаш не треба да се отвора ако лифтот е неисправен и оти одговорноста за денешната трагедија треба да се бара од компанијата што го одржувала, доколку таква постои.

Инаку, во земјава има околу 12.000 лифтови. За 20 проценти од нив нема договор за одржување, а кај оние што имаат договор, во 80% случаите не се вршат задолжителните годишни инспекции. Според здружението, постојат станбени згради кои имаат лифтови кои никогаш не биле проверени, со што се загрозуваат животите на оние што ги користат.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top